Пополнувањето на гамата на Insignia со нова
жешка верзија дополнително ќе го зголеми интересот за и онака во моментот најпосакуваниот
автомобил во Европа.
Според најавите на одговорните од Opel,
Insignia Sports Tourer OPC, како што гласи полното име на ова жешко комби, ќе се
појави на пазарот некаде во втората половина на годината.
Insignia Sports Tourer OPC е најновото
заглавие во долгата и успешна приказна на Opel во
создавање на комби верзии. Opel e пионер во овој сегмент, а првиот автомобил е Olympia
Rekord Car-A-Van, комбинација од автомобил и ван, исклучително успешен
концепт кој функционира и ден денес.
Insignia е првиот модел што излегува од работилницата на OPC –
Opel Performance Center, кој има
погон на четири тркала. Се работи за адаптибилен погон на четири тркала кој има
електронски управуван самоблокирачки диференцијал.
Уште една новина кај Insignia Sports
Tourer OPC се предната суспензија наречена HiPerStrut – High
Performance Strut или високо перформансни попречни водилки кои се споени
со скратени спирални пружини и нови амортизери со посебен сетинг.
Задачата на системот HiPerStrut, кој е
единствен на светот, а е рзавиен од инженерите на OPC, e да обезбеди
две основни функции:
Прво да го редуцира влијанието на вртежниот момент врз
управувањето - негативен ефект на преден погон, но се јавува и кај возилата со
погон на четири тркала.
Второ да задржи негативниот нагиб на тркалата во свијок
со што значително се подобрува тракцијата и возните карактеристики и на суво и
на мокро.
За фино дотерување на суспензијата на Insignia
Sports Tourer OPC минати се 10.000 km на патеката
во Нирбургринг, на 20,5 km долгата Нордшлајфе која уште ја нерекуваат и Зелен Пекол.
На тестирањето покрај 12 професионални тркачи се најде и тркачката
легенда Џеки Стјуард. Покрај фино дотерување на суспензијата тестирањето на
Нордшлајфе во полн налет во должина од 10.000 km има улога и
на тест на издржливост.
Изминати 10.000 km на Нордшлајфе е
еквивалент на 180.000 km минати во секојдневието кои Insignia Sports
Tourer OPC ги извозе беспрекорно, без да се накашла. Во прашање се
12 напорни дена возење, 27.000 сменети степени на пренос, 35.551 свијоци и 487
круга.
Insignia Sports Tourer OPC во однос на
стандардниот модел лежи пониско за 10 mm и стандардно носи
леснометални бандажи со пречник од 19 инчи, додека како опција се нудат и
леснометални бандажи од 20 инчи.
За сопирање се грижат вентилирани и бушени дискови напред и вентилирани дискови назад кои ги
испорачува Brembo, а сопирачките клешти се обоени црно заради
потполнување на визуелниот ефект.
Сите овие модификации во однос на сериската верзија се
направени заради движечката сила на Insignia Sports Tourer OPC. Станува
збор за 2.8 литарскиот V6 трубо бензинец кој остварува 325 КС и вртежен момент од
435 Nm.
Сето ова е доволно за спринт до 100 km/h за 6,3
секунди и максимална брзина од електронски ограничени 250 km/h.
Дополнителната предност на Insignia Sports
Tourer OPC е најзиниот огромен багажен простор кој со исправени
задни седишта до полица има волумен од 540 литри, додека со целосно
преклупување на задната клупа деллива во сооднос 60:40 се
отвора букер кој може да прифати 1.530 литри.
Внaтре возачот и совозачот ги гушкаат Recaro спортски
седишта кои се местат во сите правци, возачот во дланките стега нов кожен
волан со зарамнето дно и вметоци од полиран алуминиум, а нова е и рачката од
менувачот и графиката на инструментите кои можат да се забележат на прикажаните
фотографии од британската верзија Vauxhall Insignia VXR.
|