|
14.05.2007 |
Втората генерација на малечката Agila ќе се појави на салонот во Франкфурт, во септември, а продажбата ќе почне напролет следната година. Изгледот и е многу повеќе шик отколку на претходничката.
Аgila нуди простор за 5 патници на должина од 3,74 метри и удобен влез за сите патници со четирите врати. Механиката е иста со Suzuki Splash.
Таканаречениот Mini-MOnocab е широк 1,68 метри и висок 1,59 метри. При соборена задна клупа има простор за 1100 литри багаж. Свежите материјали и бои даваат свеж амбиент во кабината, високото седење го прави возењето попрегледно, а кренатата рачка на менувачот остава простор меѓу предните седишта. Како што веќе е вообичаено кај малечките, бројачот на вртежи е издвоен од таблата.
Опремата на Agila опфаќа волан со висинско местење со копчиња за ракување со радиото, висинско местење на седиштата, задна клупа што се соборува во сооднос 60:40. За безбедноста се грижат челни и странични воздушни перници, а со доплата може да се добијат и воздушни перници за глава и ЕЅР.
Новото подвозје со предна оска што се потпира на помошна рамка и полукрута задна оска, во комбинација со тркалата од 15 инчи ќе се погрижи за агилна управливост. Погонот ќе го даваат два нови бензинца, еднолитарски со 65 КС и 1,2-литарец со 86 КС, кој ќе може да се комбинира и со автоматски менувач, како и еден дизел со common-rail, производ на Fiat, со зафатнина од 1,3 литри и 75 КС. Цените не се соопштуваат засега, но со оглед на растечката конкуренција во овој сегмент почетокот не би требало да е над 10.000 евра.
|