Get Adobe Flash player
Peugeot 508 први фотоси
12.07.2010

Само неколку месеци пред светската премиера се појавија првите фотографии на новиот Peugeot 508 којшто ќе има многу тешка задача пред себе да замени два модели постоечките 407 и поголемиот 607.

peugeot-508-2010-1

Проектот 508 на Peugeot не издржаа долго време во тајност бидејќи фотосите се појавија на некои од форумите на марката и за нив се верува дека се дел од маркетинг програмата со цел да се испита пулсот на јавноста.

Од прва станува јасно дека урнек за дизајнот на 508 е концептот „5 by Peugeot” со тесни развлечени предни светла и огромна решетка која ја формира предната маска со мал испуст на средина од работ на хаубата.

Највидливата разлика е предниот браник којшто за разлика од концептот не е излиен во едно парче со предните крила и ги нема страничните отвори за воздух. Место нив тука се светлата за магла и светлечки диоди за возење дење.

Беџот на Peugeot е поставен напред на хаубата во посебено вдлабнување од кое како да почнува стилизираната грпка на средина. Рабовите на хаубата се совпаѓаат со линијата на појасот на автомобилот која се протега низ цела страница и ги поврзува предните и задните светла.

Peugeot 508 нуди димензии кои се некаде на средина меѓу моделите 407 и 607. Сериската верзија треба да биде малку поголема од концептот и ќе биде растегната на 4.700 mm што е за околу 10 mm подолго од 407, но и околу 200 mm покусо од лимузинскиот 607.

Паралелно со седанот ќе биде претставена и комби верзијата која во должина ќе мери 4.810 mm. Платформата на која ќе биде поставен е истата онаа што ја дели Citroen C5, но од Peugeot истакнуваат дека нивниот 508 ќе биде значително подинамичен автомобил.

Информациите објавени од компанијата откриваат дека сите дизели што ќе работат во 508 ќе бидат опремени со систем Старт/Стоп, а понудата ќе стои и за бензинците кои ќе можат да се добијат и без овој систем.

Подоцна како и за останатите модели на групацијата PSA се очекува појавување на хибридната верзија која ќе ја користи веќе прикажаната технологија Hybrid4 која подразбира класичен мотор што ги движи предните тркала и електромотор за задните со комбинирана моќност од околу 200 КС и емисија на СО2 до 99 g/km.

Од Peugeot Истакнуваат дека светската премиера на 508 е закажана за на есен, поточно 30 септември на салонот во Париз кога ќе бидат прикажани и двете изведби седанот и комбито.

Продажбата нема да стартува веднаш. Peugeot ќе почека до стартот на следната година заради организација на производството кое за европските пазари ќе се одвива во фабриката Рен во Франција, а за азиските пазари во фабриката во Кина.

Peugeot во Париз планира да го најави и наследникот на 407 Coupe. Моделот ќе ги носи дизајнерските смерници на 508 и ќе биде купе/кабриолет со цврст склоплив кров по примерот на Volvo C70.

 

 

 

Facebook