Претставени се официјалните цртежи на Hyperion Rolls
Royce Drophead Coupe. Автомобилот треба да дебитира викендов на Concours
d`Elegance во Пеблбич во Калифорнија.
Pininfarina го разви автомобилот поставен на
платформата на оригиналниот Rolls Royce Drophead Coupe за некој
приватен колекционер чие име се држи во најстрога тајност.
Интересно е што ова е првиот уникатен автомобил создаден
од Pininfarina по креирањето на уникатната супер спортска егзотика за
Џејмс Гликенхаус во 2006, поставена на основата на Ferrari Enzo и наречена
Р4/5.
Дизајнот на овој уникатен Rolls Royce има
призвук на класичните автомобили на марката кои се произведуваа пред Втората
светска војна што била и желбата на мистериозниот нарачател.
Ништо кај овој автомобил не е направено случајно. Се чини
дека нарачателот е заљубен во историјата и митологијата. Името Hyperion доаѓа од
грчката митологија и е име на еден Титан.
Hyperion по прикажувањето на Конкурсот на елеганција во Пеблбич ќе
биде изложен и на претстојниот салон во Париз во октомври.
Механиката сеуште останува непозната, но претпоставка е
дека Hyperion ќе го задржи серискиот 6.75 литарски V12, кој
работи под хаубата на Rolls Royce Drophead Coupe, и остварува 453
коњски сили и 720 Nm вртежен момент, доволни за спринт до 100 km/h за 5,6
секунди и максимална брзина електронски ограничена на 250 km/h.
|