|
Навистина ќе беше штета доколку новото купе со погон на задна оска на Toyota и на Subaru останеше само на атмосферска верзија на 2.0 литарскиот Боксер мотор и остварените 200 коњски сили.

Ова значи дека следи и помоќна варијанта која, само неполна седмица од претставувањето на Toyota GT 86 и на Subaru BRZ, ја најавува главниот инженер за развој на проектот Тетсу Тада.
„Ќе има помоќна верзија на автомобилот,” наведува Тада за своето чедо на четири тркала и дополнува: „Во моментот специјалистите на тркачкото одделение на Toyota или TRD - Toyota Racing Developmen го тестираат автомобилот.”
Тада вели дека зголемувањето на моќноста е постигнато со помош на присилно полнење на моторот, но не наведува дали станува збор за турбо полнач или за механички компресор.
Како и да е моќноста би требало да порасне за околу 50 коњски сили што би се заокружило остварувањето на 2.0 литарскиот Боксер на 250 КС. Погонот останува на задна оска, а менувачот ќе биде мануелен со шест степени на пренос.

Тетсу Тада исто така наведува дека подвозјето е доволно масивно да се носи и со оваа моќност, но инженерите од TRD сепак развиваат спортско подвозје за помоќната верзија кое ќе се најде и во понудата кај послабата верзија.
Интересно во своето излагање Тада објави до сега необјавени податоци за перформансите на купеата со моќност од 200 КС. Имено сприентот до 100 km/h се случува за околу 6,8 секунди, а максималната брзина бележи 240 km/h.
|