|
Производителот од Цуфенхаузен пред да се отворат вратите на салонот во Женева одлучи да го претстави својот прв суперспортски хибриден автомобил 918 Spyder со централно поставен мотор.

Во манинирите на класичен суперспортски автомобил 918 Spyder е способен да оствари максимална брзина од 320 km/h и да ги катапултира пилотот и копилотот до 100 km/h за помалку од 3,2 секунди.
И тоа не е се. Северниот круг на патеката во Нирбургринг фамозната Нордшлајфе, или како што ја нарекуваат возачите Зелен пекол, 918 Spyder е способен да го сврти за помалку од 7 минути и 30 секунди, побрзо дури и од Carrera GT.
Спротивно на перформансите на суперспортски автомобил 918 Spyder во потрошувачката и емисијата на јаглероден диоксид е еднаков на еден микро автомобил наменет за во град.
Според инженерите на Porsche, 918 Spyder во просек троши 3,0 литри на 100 изминати километри и има емисија на СО2 од ниски 70 g/km. Сето ова се должи на хибридниот plug-in систем составен од моќен класичен и два електромотори.
Централно во шасијата е сместен атмосферксиот бенизнец V8 од 3.4 литри познат од тркачкиот автомобил на Porsche, RS Spyder, кој испорачува 500 КС и за во 918 Spyder е дополнително доработен и се врти на максимални 9.200 врт/мин.
Бензинецот е спарен со електромотор и заедничката снага ја испорачуваат до задните тркала преку седум степениот менувач со две спојки на Porsche. Вториот електромотор ја задвижува предната оска преку фиксен преносен однос.
Зедничката моќност на двата електромотори во Porsche ja пресметуваат на 218 КС, а напојувањето доаѓа од литиум-јонски акумулаторски батериии кои се сместени веднаш зад кокпитот или патничката кабина и пред класичниот мотор.
Батериите имаат сосптвен систем за ладење со течност за разладување со посебни ладилници што е превенција од опасноста од прегревање и самозапалување на литиум-јонските батерии.
Можноста за полнење со приклучување на стандардната електрична мрежа, или пак, на станица за полнење и регенерирањето на кинетичката енергија која се претвора во електрична му овозможува на 918 Spyder да вози и само на батерии.
Хибридниот систем му дозволува на 918 Spyder да вози во четири различни модуси кои возачот ги одбира со копче сместено на воланот. E-Drive модусот е наменет за возење низ град само на електричен погон до растојание од 25 km.
Во Hybrid модусот 918 Spyder ги користи и електромоторите и бензинецот и ги ангажира во зависност од условите на возење за да постигне висока ефикасност со ниска потрошувачка, но и ако треба да овозможи високи перформанси.
Модусот Sport Hybrid исто така ги користи и електромоторите и бензинецот но со фокус на перформансите префрлајќи поголем дел од снагата кон задните тркала и повремено вклучување на електромоторот напред за подобрување на возната динамика.
За возење на лимит на тркачка патека се користи модусот Race Hybrid. Тогаш бензинецот ги полни батериите кои на притисок на копче префрлаат џус до електромоторите за дополнителна моќност при престигнување или за побрзо исполнување на правецот т.н. E-Boost.
Извонредните перформанси се дожат и на лесната градба која доаѓа директно од светот на мотоспортот. Како моторот така и монокок шасијата е дериват на шасијата на тркачкиот RS Spyder.
Изработена е од карбон-фибер со соодветни засилувања од алуминиум и магнезиум и допринесува за максимална тежина на автомобилот од 1.490 kg и голема торзиска цврстина.
Porsche 918 Spyder според зборовите на одговорните во Porsche претставува основа за развој на стартегија на компанијата за електромобилна иднина која покрај штедливост нуди и врвни перформанси.
Доказ се трите хибриди во Женева. Покрај Cayenne S Hybrid и 918 Spyder, Porsche официјално треба да го претстави и 911 GT3 R Hybrid.
Иако 918 Spyder е претствен како концепт дизајнот и уредувањето на кабината укажуваат дека сепак сериското производство е реалност и е блиску.
|