Информацијата проструи откако во Porsche донесоа
одлука да купат нов електричен автомобил заради истражување. Станува збор за
спортскиот електромобил Tesla Roadster.
Поставувајќи го својот Roadster врз
шасијата на Lotus Elise, Tesla Motors, докажаа
дека еден електромобил може да го понесе епитетот спортист. Односно да понуди
одлични перформанси и возни карактеристики, а сепак, да биде задвижуван само од
електричен мотор напојуван од батерии.
Многумина сметаат дека се кренава премногу голема бучава
околу купувањето на еден примерок на Тesla Roadster од Porsche, бидејќи
не е ништо ново во автомобилската индустрија да се купува автомобил од
конкуренцијата заради истражувачки цели.
Сепак, кога тоа го прави еден Porsche и јавно
признава дека ќе го истражува системот кој го задвижува Тesla
Roadster, тогаш се менува аголот на гледање на работите.
Паралелно од внатрешни извори на компанијата проструи
информација дека Porsche веќе тестира автомобил со електричен погон, но дека
сеуште нема намера тоа да го обзнани и да прикаже било какви детали.
Целата приказна ја заокружува тјунерската куќа Ruf
специјализирана за Porsche која веќе има
изработено еден електричен примерок наречен E-Ruf.
Но, одговорните во Porsche се
разочарани од неговите перформанси бидејќи до 100 km/h забрзува
за 6,9 секунди и има максимална брзина од 224 km/h.
Тие сметаат дека овие остварувања на Е-Ruf се
недопустливи за еден Porsche. Оттука и целата врева околу развојот на првиот
електромобил од Porsche.
|