|
Од Porsche официјално потврдуваат дека компанијата планира наскоро на пазарот да пласира спортски теренец којшто ќе биде позициониран класа подолу од нивниот голем продажен успех Cayenne.

По објавувањето на оваа последна информација наводите од претходно дека одговорните во Цуфенхаузен не сакаат да создадат канибализам внатре во сопствените редови паѓаат во вода.
Во март од Porsche излезе информација дека компанијата нема да го следи примерот на Audi со Q7 и поновиот и помалиот Q5 кој успеа да земе голем дел од пазарниот колач на својот поголем брат.
Имено тие не сакаа истото да се случи меѓу Cayenne и евентуалниот негов помал брат, за кого се претпоставуваше дека ќе се нарекува Roxter. Но, очигледно е дека сето ова било само одвлекување на вниманието на медиумите.
Според шефот на одделот за односи со јавност на Porschе: „новиот модел ќе влезе во пазарниот сегмент во кого покрај Audi веќе се исклучително активни и BMW и Mercedes со свои модели”.
Тој истакнува дека компанијата е свесна дека развојот на овој модел ќе чини многу средства, но истражувањата потврдуваат дека прогнозите за успех се големи и дека инвестицијта на крај ќе биде оправдана.
Се очекува продажбата на новиот малечок SUV на Porsche значително да ја надмине онаа на Cayenne, пред се поради значително поприфатливите цени.
Тој ќе биде поставен на платформата на актуелниот Q5, но ќе ги носи сите главни обележја на еден модел на Porsche. Toa значи голема доза на луксуз, уште поспортски крактер од оној на Cayenne и за да го оправда сегментот во кој настапува, пристојни теренски карактеристики.
Под хаубата на новиот SUV на Porsche нема да работат мали мотори и четирицилиндерци како во Audi Q5. Во план се V6 и V8 бензинци и еден дизел со распон на моќност од 280 до 500 КС.
Други податоци нема. Од Porsche ги сокриваат како змија нозе. Не се знае ниту кога малиот моќник ќе пристигне на пазарот, ниту колкава ќе биде неговата цена.
|