Get Adobe Flash player
Get Adobe Flash player
Повелете Citroen DS ги отвора вратите
10.06.2009
citroen-ds-1.jpgCitroen долго ја сокриваше внатрешноста од својот нов жежок мини, DS, како концепт претставен во Женава, кој зрачи со стил и за разлика од Mini тој не се потпира на традиција туку се колне во модернизам.

Тој е првиот од новата серија DS на Citroen. Кога сериска верзија ќе го здогледа светлото на денот на салонот во Франкфурт ќе ја носи ознаката DS3, за подоцна по него да дојдат и DS4 и DS5.

Радикалниот нов стил што го нуди DS3 доаѓа заедно се пресметаните 1 милион комбинации на индивидуализација. Овој податок говори дека безмалку секој нарачан DS3, креиран според вкусот на купувачот, сам по себе може да биде уникат.

Врвот на кастомизирањето кај DS3 ќе биде можноста за избор на кров од кожа, специјално третирана за да може да ги издржи надворешните влијанија, чија релјефна форма го стилизира посебното лого на DS.

Стилските форми од надвор се селат внатре. Арматурата делува како да е извајана од некој современ скулптор и со својата длабочина остава многу простор за нозете на возачот и совозачот.

Комплетно е обложена со кожа, а предниот дел ги носи истите релјефни форми како кровот. Вниманието за детали се огледува во убаво спастрените отвори за воздух, централниот дисплеј и футуристичките инструменти.

Интересно е што Citroen кај DS3 се откажува од фиксниот централен дел околу кого врти воланот карактеристичен за моделите од последната генерација. Воланот има рамно дно кое ослободува повеќе простор за нозе, а делува шик и спортски.

Луксузот во кабината најавен со арматурата продолжува преку седиштата составени од ситни парчиња кожа и нагласени страници чива задача е држење на телото во свијок, до облогите на вратите исто така од кожа и дебелиот тепих.

Иако споредуван со својот главен ривал Mini, DS3 нуди значително повеќе простор во кабината и багажникот. Пред се поради поголемите димензии кои повеќе би му одговарале на Mini Clubman.

Споредбата со британскиот современ класик воопшто не им пречи на одговорните во Citroen. Напротив. Шефот на дизајн одговорен за DS, Мајк Лојд признава дека намерно правел директна споредба со Mini при одредувањето на клучните карактеристики кои ќе се истакнуваат и користат при продажба на DS3.

Но, како што вели тој: Двата автомобили имаат комплетно различен стил. И додека Mini 100% се потпира на своето историско наследство, DS3 е 100% модерен.

Би додале, стилски издржано чудовиште кое плени.

Според тврдењата на инженерите на Citroen, DS3 ќе се натпреварува со Mini кога станува збор за возните карактеристики, перформансите, комфорот, одржувањето и секако да не заборавиме цената. 

Citroen DS3 би требало ценовно да стартува под Mini.

Но, колку ќе изнесува најниската сума што ќе треба да се одвои за него и колку ќе чини една кастомизацијата во сопствена режија ќе видиме во март 2010 кога официјално стартува продажбата.

 
Get Adobe Flash player

autofocus-baner
 

 

Facebook