|
Релативно брзо по премиерата во Франкфурт и стартот на продажбата во Германија, BMW X1 пристигна во Македонија демонстрирајќи агилност, варијабиност и спортски карактер.

Многу малку работи останаа да бидат откриени за BMW X1 со оглед дека констатно го следевме неговото раѓање од првите тестни мулиња и шпијунски фотографии, преку официјалните тизер фотоси, до протечените информации непосредно пред неговата светска премиера.
Големиот интерес за BMW X1 не е случајност. Светот со нетрпение го очекуваше првиот премиум модел во класата на компактни SUV, односно како што го нарекуваат во BMW - SAV Sport Activity Vehicle, на чија ракавица фрлена влице одговор ќе треба да дадат пред се одговорните во Инголштад и од Штудгарт.
И би рекле ќе треба да се потрудат. Бидејќи Х1 е парче автомобил кој во должина од 4.454 mm, ширина од 1.798 mm и висина од 1.545 mm нуди меѓуоскино растојание од 2.760 mm со простор во кабината за удобен превоз на пет патници.
Комфорот на предните седишта е неоспорен, предноста на Х1 е назад. Каде на три одвоени седишта удобно се возат три патници со доволно место по должина, по ширина и по висина.
Аголот на потпирачите на седиштата се менува, воедно седиштата можат да се преклопат по што се формира рамен под и над него се отвора багажен простор со максимална зафатнина од 1.350 литри. Воедно седиштата се преклопуваат во сооднос 40:20:40, а во исправена положба нудат основен багажник од 420 литри.
Понатаму под каросеријата работи интелигентниот погон на четири тркала на BMW, xDrive кој нуди варијабилна дистрибуција на снагата на предна и на задна оска, ја подобрува агилноста на пат и тракцијата на груба подлога.
Со помош на електронски контролирана виско спојка со повеќе ламели xDrive го дистрибуира вртежниот момент испраќајќи прецизно одредена снага на оската која нуди најмногу тракција. хDrive е единствениот систем на пазарот кој нуди распоред на снагата од 0 до 100 % на предна, односно задна оска и обратно во зависност од потребите – нивото на тракција.
хDrive е врзан со системот за динамичка контрола на стабилноста DSC и со управувачката електроника на моторот. Со сензори поставени на секое тркало во дел од секундата системот препознава тенденција за пролизгување на било кое од тркалата и реагира соодветно испорачувајќи доволно ниво на снага дури пред тркалото да почне да пролизгува. На овој начин се спречуваат несаканите појави, подуправување и надуправување.
Во свијоци xDrive испорачува повеќе снага на задните тркала со цел возилото да биде поагилно и да се избегне подуправувањето. По напуштање на свијокот xDrive повторно ја враќа испораката на снага на стандардна дистрибуција 60:40 во корист на задната оска.
Во најлошите услови за возење кога играњето со дистрибуцијата на снагата предна - задна оска неможе да помогне во стабилизирање на возилотo се вклучува системот за динамичка контрола на стабилноста DSC.
DSC кај Х1 не е врзан само со системот ABS туку и со динамичката контрола на сопирање DBC Dynamic Brake Control, контролата на сопирање во свијоци CBC Cornering Brake Control, но и со динамичката контрола на тракција DTC Dynamic Тraction Control.
Оваа функција DTC го подигнува нивото на контролата на стабилност на уште повисоко рамниште дозволувајќи одредено пролизгување на тркалата кога потребно посебно при возење на снег, песок или друга лизгава подлога каде пролизгувањето е потребно за тркалото да може да зафати за да повлече.

BMW не сака да са фали само на хартија. Со цел подобро запознавање на Х1 и погонот xDrive на презентацијата организираше импровизиран полигон од неколку најкритични ситуации за возило кога се наоѓа на терен. Тоа се голема нагорнина, удолнина, премин преку речно корито имровизирано со стебла поставени под различни агли, возење по косина и на т.н. клацкалка која импровизира возење преку наизменични нерамнини или карпи.
На нагорнината може да се почувствува префрлањето на снагата на xDrive кон задните тркала кои се најпотребни за да го истуркаат возилото токму во момент кога предните ќе почнат да пролизгуваат.
Наизменичното префрлање на снагата кон предна и задна оска, односно кон тркалата кои имаат најдобра тракција можеше да се почувствува на т.н. премин преку река, односно преку поставените стебла.
Истото можеше да се почувствува и на т.н. клацкалка, но на оваа вежба воедно можеше да се увиди и ригидноста на шасијата кај која и покрај преместувањето на тежиштето неможе да се почувствува усукување, што најмногу се забележува при отворање и затворање на вратите кое функционира како автомобилот да стои на рамно.
Возењето по изразена косина го истакнува ниското тежиште. И покрај накосеноста од преку 30% ниту од далеку неможе да се насети тенденција на губење на страничната стабилност без оглед на релативно високиот клиренс на Х1 од 194 mm.
Надолницата е најдобар показател за одличното функционирање на системот за безбедно спуштање на надолница HDC Hill Descent Control. При надолница се што е потребно е да се притисне копчето и да се врти со воланот во саканата насока.
Се друго работи HDC. Иако веќе познат и кај другите производители системот во BMW е врзан со темпоматот преку кого може да се манипулира со брзината на спуштање од 6 до 25 km/h.
Над бризина од 25 km/h системот автоматски се исклучува, додека минималната брзина од 6 km/h е одредена затоа што под неа системот не функционира, бидејќи под оваа брзина не функционира ниту системот ABS преку кого работи HDC, затоа тврдокорните теренци имаат копче за исклучување на ABS.
Покрај на импровизираниот полигон можностите на системот xDrive можеа да се пробаат и во реални услови, посебно на пат со песочни наноси, каде xDrive успева да го задржи автомобилот на зададената патека без оглед на различното ниво на тракција, односно пролизгуањето на предна/задна оска и леви/десни тркала.

BMW X1 покрај со погонот на четири тркала xDrivе се нуди и само со погон на задни тркала во верзиите sDrive. Се работи за две верзии sDrive18d и sDrive20d кои се задвижувани од познатиот 2.0 литарски турбо дизел на BMW со 143, односно 177 КС.
BMW X1 доаѓа во четири верзии со погон на четири тркала xDrivе. Тргнува од основната xDrivе18d со 143 КС при 4.000 врт/мин и вртежен момент од 320 Nm при 1.750 до 3.000 врт/мин која до 100 km/h забрзува за 10,1 секунди, има максимална брзина од 195 km/h и просечна потрошувачка од 5,7 L/100 km.
Следи xDrivе20d кај која истиот мотор остварува 177 КС при 4.000 врт/мин и 350 Nm при 1.750 до 3.000 врт/мин, забрзува до 100 km/h за 8,4 секунди, има максимална брзина од 205 km/h и во просек троши 5,8 L/100 km.
Врвот од дизелската понуда го претставува xDrivе23d каде истиот 2.0 литрец со помош на твинтурбо испорачува 204 КС при 4.400 врт/мин и 400 Nm при 2.000 до 2.250 врт/мин. Спринтува до стотка за 7,3 секунди, оди до максимални 205 km/h и во просек троши 6,3 L/100 km.
Со помош на опционалниот high-speed set-up, xDrivе20d и xDrivе23d можат да одат до максимална брзина од 213 km/h, односно до 223 km/h.
Според моќноста и перформансите врвот од понудата е загарантиран за единствениот бензинец xDrivе 28i кај кого работи шест цилиндерски атмосферски бензинец од 3.0 литри со VALVETRONIC и двоен VANOS кој остварува 258 КС при 6.600 врт/мин и 310 Nm од 2.600 до 3.000 врт/мин.
xDrivе28i до темпо 100 спринтува за 6,8 секунди и е способен да оствари максимална брзина електронски ограничена на 205 km/h како кај дизелите. И кај него на располагање стои опционалниот high-speed set-up со кого оди до максимални 230 km/h, а троши во просек 9,4 L/100 km.
Ценовното позиционирање на X1 не е карактеристично за еден BMW, барем за основниот модел со погон на четири тркала xDrive18d кој кај нас со високо ниво на опрема стартува со цена од 29.990 евра која е прималива за возило од премиум сегментот.
|