Get Adobe Flash player
Премиера на Skoda Yeti
03.03.2009
skoda-yeti-premiera-1.jpgДолго најавуваниот малечок SUV на Skoda, кој го носи името на мистичниот снежен човек Yeti конечно ја доживеа светската премиера и од концепт прерасна во сериско возило.

Концептот на Skoda Yeti првпат беше претставен во 2005 како возило кое е наменето за урбаните луѓе кои повремено уживаат во моментите поминати во природа.

Сериската верзија не отстапува од смерниците поставени во концептот. Затоа во понудата ќе бидат две верзии со погон на предни тркала и со погон на четири тркала.

Експертите за маркетинг и продажба во Skoda веруваат дека верзијата со погон на четири тркала ќе биде носител на продажбата и дека пазарот во Европа, годишно, ќе може да прифати околу 50.000 примероци.

Yeti долго време се сокриваше од ловците на автомобили кои конечно успеаја да го штракнат дури минатата седмица на само неколку дена пред неговата светска премиера.

Веќе пишувавме за позиционирањето на Yeti што се потврдува со неговите димензии. Yeti во должина мери 4.2 метри и го носи препознатливиот изглед на марката.

Делува цврсто со својот коцкаст дизајн кој дополнително ја нагласува неговата робусност. Црните заштитни пластики и леснометални бандажи од 17 инчи го дополнуваат мачо изгледот на Yeti.

Токму пристaпот на дизајнерите му овозможува на Yeti да обезбеди многу простор во внатрешноста. За тоа говори податокот од максимален капацитет на багажникот од 1.760 литри.

Задните седишта се скроени по принципот на Roomster. Станува збор за три независни седишта кои можат да се преклопуваат, соборуваат и одстрануваат, но и да понудат удобен превоз на тројца патници од зади.

Комфорот за возачот и совозачот се подразбира.

Моторната понуда на почетокот ја заокружуваат два бензинци и три дизели. Стартот на понудата за Yeti е верзијата со погон напред кој ја задвижува новиот 1.2 литарски четири цилиндричен турбо бензинец со директно вбризгување кој остварува 105 КС.

Вториот бензинец е 1.8 литарскиот со трубо натполнење, кој веќе се вградува во останатите модели од групацијата на VW, остварува 160 КС и е врзан со погонот на четири тркала.

Дизелите ги застапува 2.0 литарскиот TDI во три изведби со 100 КС, 140 КС и 170 КС и ќе се вградуваат исклучиво во верзијата со погон на четири тркала.

Интересна е одлуката за моторизација на Yeti во која отсуствуваат 1.4 литарските турбо бензинци кои пред се би биле погодни за нашиот пазар заради акцизата.

Перформансите, потрошувчката, цената и останатите технички карактеристики според најавата на одговорните во Skoda ќе бидат објавени подоцна.


 

 

 

Facebook