Get Adobe Flash player
Get Adobe Flash player
Претставен Pininfarina Hyperion
19.08.2008
pininfarina-hyperion-2.jpgДизајниран за да ги евоцира спомените на автомобилите од триесетите години од минатиот век и крстен според титан од грчката митологија, Hyperion е уникат кој плени со појава.

Долгата раскошна хауба, кусиот задник и нискиот кров карактеристични за пред воените модели на Rolls Royce се основата во дизајнот на Hyperion кој е поставен на платфромата на Drophead Coupe.

За да се постигне саканиот ефект Pininfarina ги отстранил задните седишта на оригиналниот автомобил и ги преместил седиштата на возачот и совозачот за 400 mm на назад.

Со преместувањето на возачката позиција се отворило доволно простор за издолжување на хаубата, но и покрај опсежниот зафат изгледот на кабината заедно со арматурата остануваат исти како кај оригиналот.

Каросеријата е целосно изработена од карбон-фибер, додека вратите се од дрво кое се користи во бродоградежништвото и најчесто се употребува кај луксузните јахти. Од истото дрво е изработен и капакот под кого се сокрива платнениот кров.

Hyperion е дизајниран и направен во одделот на Pininfarina за специјални проекти. Името на нарачателот повеќе не е тајна. Тоа е Роланд Хол кој е пасиониран колекционер на Rolls Royce.

Хол, за Hyperion на дизајнерите им задал специфични барања во поглед на практичноста и изгледот на автомобилот. Што се однесува до практичноста Хол одлучил својот Hyperion да го вози кога ќе заминува на лов и за таа цел барал конструкторите и дизајнерите да направат две посебни прегради пред ветробранот за сместување на две ловечки пушки.

Според старата англиска традиција секој благородник заминува во лов со својот батлер и носи две пушки, крстени како еден и два, и додека тој пука со едното оружје батлерот за тоа време го полни другото. Токму затоа и престижните производители на ловни пушки како што е еден Holland&Holland, оружјата во зависност од видот и намената ги изработува во пар.

Веќе споменавме дека ентериерот е безмалку идентичен со тој кај оригиналното купе. Единствената измена се наоѓа на арматурата во која во посебна колевка е сместен часовник специјално изработен за Hyperion од Girard-Perregaux.

Убавината на часовникот и начинот на неговото прицврстување е што истиот може да се извади, на него да се постави каишка и да се носи на рака.

Механиката, како што се претпоставуваше, останува несменета. Значи под хаубата работи 6.75 литарски V12 кој до задните тркала испраќа 453 коњски сили и максимален вртежен момент од 720 Nm, доволни за спринт до темпо 100 за 5,6 секунди и електронски ограничени максимални 250 km/h.

А колку чини задоволството на Роланд Хол? За разлика од неговото име цената останува тајна.


 
Get Adobe Flash player

autofocus-baner
 

 

Facebook