|
Новата генерација на големиот теренец на Kia, Sorento пристигна во Македонија, а домашната публика заедно со потенцијалните купувачи имаа чест меѓу првите во Европа да ја доживеат премиерата.

Новиот Sorento повеќе не е класичен теренец поставен на шасија со класичен централен диференцијал со можност за блокада и редуктор. Тој сега преминува во сегментот на SUV и нуди повеќе луксуз и простор во внатрешноста.
Погонот сега е конципиран поголемиот дел од вртежниот момент да се пренесува на предна оска. Задната оска останува во погон, но кон неа се испраќа помал процент на вртежен момент.
Кога ќе дојде до пролизгување на предните тркала тогаш системот префрлува поголем процент од вртежниот момент кон задната оска, но само до 50% во најлошите услови за возење.
Секако тука е и електронската блокада на централниот распределувач на вртежниот момент која со активирање овозможува рамномерна распределба на погонот од 50:50 предна/задна оска до брзини од 30 km/h.
Кај нас Kia го нуди Sorentoсо два мотори. Првата е 2.4 литарски бензинец кој остварува 174 КС и максимален вртежен момент од 226 Nm. Моторот е спарен со шест степен мануелен или автоматски менувач.
Втората многу поатрактивна варијанта е новиот турбо дизел CRDi VGT од 2.2 литри кој испорачува 197 КС при ниски 3.800 врт/мин и огромен вртежен момент од 422 Nm од 1.800 до 2.500 врт/мин.
Исто и дизелот во зависност од афинитетите на купувачот може да се добие со шест степен мануелен или автоматски менувач кој чини дополнителни 1.200 евра.
Воедно и двете верзии покрај серискиот ABS и ESP доаѓаат со HAC асистенција при тргнување на нагорнина и DBC контрола на сопирање при возење на надолнина.
Богато опремениот Sorento во бензинската верзија кај нас стартува со цена од 32.000 евра, додека за дизелот треба да се одвојат 34.200 евра.
|