Get Adobe Flash player
Get Adobe Flash player
Пристигна новата Серија 3 на BMW
20.10.2011

BMW на посебен настан во Минхен ја претстави новата генерација, шеста по ред, на својот бестселер Серија 3 која ја носи кодната ознака F30 и го следи стилот на новата генерација на поголемата Серија 5.

bmw-serija-3-1-2011-1

Дизајнерскиот тим во Минхен не сакал да прави големи тектонски пореметувања при одредувањето на дизајнот на новата „тројка”. Па затоа автомобилот не е закитен со дизајнерска револуција, туку со дизајнерска еволуција.

Важно е што новата Серија 3 делува смирено без нападни елементи што многу повеќе одговара на вкусот на европските купувачи. Воедно најголемите новини се сокриваат под ламарината и се доволно добри за да ја пласираат на прво место.

BMW не сокрива дека Серија 3 e најважниот модел на марката и затоа посветува големо внимание на технолошкиот напредок, подобрување на динамичките карактеристики и перформанси и смалување на потрошувачката.

Важен елемент за подобрување на возната динамика се трагата и меѓуоскиното растојание. Во споредба со претходникот новата Серија 3 има поширока трага за 37 mm, или вкупно 1.543 mm.

Трагата назад е уште поширока и со вкупно 1.583 mm e за 47 mm поголема од претходникот, додека меѓуоскиното растојание мери вкупно 2.810 mm, или дополнителни 50 mm во однос на претходникот.

bmw-serija-3-2-2011-1

Подолг е и целиот автомобил кој сега е растегнат на 4.624 mm. Toa се дополнителни 93 mm во однос на претходникот со што значително е зголемен просторот во кабината и багажникот. Ширината мери 1.811 mm, а висината 1.429 mm.

И покрај поголемите димензии новата генерација на Серија 3 е полесна од својот претходник за 40 kg што директно влијае на перформансите и намалувањето на потрошувачката и емисијата на издувни гасови.

Секако покрај лесната градба и добро одмерените димензии меѓу оските и на трагата голема заслуга за подобрата динамика, перформансите и потрошувачката имаат и моторите и аеродинамиката со коефицент на отпор на воздух од Cd 0,26.

На почеток F30 ќе се нуди во четири верзии, бензинските 328i и 335i и дизелите 320d и 320d EfficientDynamics. Бензинецот што работи во 328i и припаѓа на новата генерација на модуларни мотори на BMW.

Од зафатнина од 2.0 литри распоредени низ четири цилиндри со директно вшприцување на горивото, двоен турбо полнач и варијабилно управување со вентилите Valvetronic истискува 245 КС меѓу 5.000 и 6.500 врт/мин.

bmw-serija-3-3-2011-1

Вртежниот момент е масивен за еден бензинец. Големите 350 Nm му стојат на располагање на возачот меѓу 1.250 и 4.800 врт/мин и кон задните тркала се испраќаат преку шест степен мануелен менувач кој доаѓа сериски.

Помоќниот бенизнец 335i го носи веќе познатиот 3.0 литарски шест цилиндарец кој истискува 306 КС меѓу 5.800 и 6.000 врт/мин и вртежен момент од 400 Nm меѓу 1.200 и 5.000 врт/мин.

Просечната потрошувачка на помалиот бензинец изнесува 6,4 l/100 km, или 6,3 l/100 km со опционалниот осум степен автоматик. Меѓутоа перформансите се на ниво на тркач со 5,9 секунди потребни до 100 km/h и максимални 250 km/h.

Многу постраотно делуваат меѓузабрзувањата, бидејќи на 328i да стигне од 80 до 120 km/h во четврти степен на пренос му се потребни само 5,4 секунди, а од место 1.000 метри лови за 25,4 секунди.

BMW 335i е подобар, но сепак е многу близу со перформансите. Кај него спринтот до 100 km/h трае 5,5 секунди, истото меѓузабрзување 5,2 секунди, а 1 километар од место лови за 24,3 секунди со просечна потрошувачка од 7,9 l/100 km.

bmw-serija-3-4-2011-1

Дизелот 320d нуди поголема штедливост со помалку коњски сили, но не на сметка на перформансите. Моќноста од 184 КС доаѓа при 4.000 врт/мин, а максималниот вртежен момент од 380 Nm меѓу 1.750 и 2.750 врт/мин.

Кај него забрзувањето од нула до 100 km/h изнесува 7,5 секунди. Максимумот го достигнува при 235 km/h со просечни 4,5 l/100 km. Забрзувањето од 80 до 120 km/h во четврти степен на пренос е 5,9 секунди, а 1.000 m фаќа за 27,7 секунди.

Најефикасниот модел е 320d EfficientDynamics. Кај него дизелот е смирен на 163 КС при 4.000 врт/мин, додека вртежниот момент е идентичен како кај помоќниот брат. Затоа тој во просек троши 4,1 l/100 km и има емисија на СО2 од 109 g/km.

Секако сето ова не оди на сметка на перформансите. Темпо 100 лови за 8,0 секунди, 1 километар за 28,7 секунди, од 80 до 120 km/h во четврта му требаат 6,7 секунди, а максималната брзина изнесува 230 km/h.

Од BMW најавуваат дека понатаму и други мотори ќе се придружат во понудата на новата Серија 3. Послаба верзија на бензинецот 2.0 кој ќе има 184 КС и 270 Nm во 320i и послаби верзии на дизелот 316d со 116 КС и 260 Nm и 318d со 143 КС и 320 Nm.

bmw-serija-3-5-2011-1

Врв на штедливоста ќе биде активниот хибрид, или BMW Active Hybrid 3 како што гласи неговото полно име. За него BMW открива дека ќе пристигне в година и дека под хауба го пакува 3.0 литарскиот турбо бензинец од 306 КС спарен со електромотор од 54 КС.

Во овој модел BMW користи посебна изведба на осум степениот автоматик во кого е интегриран електричниот мотор. Здружената моќност е пресметана на 340 КС, а вртежниот момен на 450 Nm.

Само на батерии хибридот ќе вози меѓу 3 и 4 километри и ќе може да достигне максимална брзина од 60 до при крстосување на автопат 160 km/h. Хибридот во просек троши 6,4 l/100 km што е заштеда од 12,5% во однос на подеднакво моќен модел со класичен погон.

Мануелниот менувач доаѓа сериски кај сите верзии, освен кај хибридот, додека за осум степениот автоматик се доплатува. Погонот е на задни тркала, но наскоро се очекува новата генерација на погонот на четири тркала xDrive.

За сопирање се грижи нова генерација од комбинирани вентилирани дискови со јадро од лесна легура и сопирачка површина од челик отпорен на прегревање. Од лесна легура се и пловечките сопирачки клешти.

bmw-serija-3-6-2011-1

Купувачите кои ќе сакаат уште помоќни сопирачки ќе можат да ја одберат опцијата M Sport која нуди уште поголеми сопирачки дискови и фиксни четири клипни клешти напред и двоклипни клешти назад.

Сериски бензинците доаѓаат со леснометални бандажи од 17 инчи и гуми 225/50, а дизелите имаат бандажи од 16 инчи и гуми 205/60. Кому ова не му е доволно може да ги надогради до димензии од 20 инчи и различна ширина на гуми напред и назад.

Пакетот M Sport не се однесува само на сопирачките. Кој ќе го одбере добива и постегнато подвозје пониско за 10 mm, нови поагресивни браници, предниот со интегриран спојлер, а задниот со дифузор и спортски уредена кабина.

BMW во F30 ја вградува најновата генерација од безбедносните системи познати под едно име ConnectedDrive. Тука се новата генерација на Head-up дисплеј во боја, системот за асистенција при паркирање со сараунд камера која дава слика за возилото од озгора и од страна.

Следат активната контрола при крстосување комбинирана со системот Start&Stop, предупредување при напуштање на коловозна лента, системот кој предупредува од судар и системот кој информира за сообраќајот во реално време.

bmw-serija-3-7-2011-1

Во понуда се три пакети на опрема Sport Line, Luxury Line и Modern Line, а на нив се надоврзува и пакетот M Sport кој се води како целосно посебна линија. Цените во Германија почнуваат од 35.350 евра за 320d и од 43.600 евра за 335i.

 

Поврзани статии

Get Adobe Flash player

autofocus-baner
 

 

Facebook