|
Германскиот магазин за автомобили Auto Bild ја објави првата фотографија од наследникот на Volkswagen Passat иако се знае дека автомобилот ќе и биде претставен на јавноста на есен во Париз.

Ова е втора информација која ја објавува магазинот во врска со новиот Passat. По компјутерски генерираниот лик на автомобилот којшто беше објавен кон крајот на минатиот месец сега пристигнува и првата веродостојна фотографија.
Тие тврдат дека не станува збор за уште еден компјутерски генериран фотос туку за вистинска фотографија на новиот Passat. Од фотосот веднаш станува јасно дека наследникот го носи новиот дизајнерски стил на компанијата.
Предната меска повеќе нема хромирана рамка туку хоризонталните лајсни се развлечени по целата ширина на автомобилот, а сменети се и предните светла и предниот браник поради што Passat многу наликува на поголемиот Phaeton.
Севкупно направените дизајнерски измени се прилично конзервативни што е уште една карактеристика за возилата на VW. Сепак, автомобилот ќе биде поголем од актуелниот Passat и ќе нуди повеќе простор и во кабината и кај багажникот.
Без оглед на поголемите димензии новиот Passat ќе ја задржи тежината како сегашниот заради користењето на полесни материјали при градба на каросеријата.
Сето ова со користењето на новите модернизирани мотори ќе ја намали потрошувачката и емисијата на издувни гасови. Новиот Passat ќе биде значително позелен и со користење систем Старт/Стоп, a се очекува и паралелен хибрид.
|