Автомобилот F3DM на кинескиот производител BYD веќе две години се продава на тамошниот пазар и претставува основа за првиот plug-in хибрид на светот кој ќе се произведува сериски.
Хибридниот BYD F3DM ќе пристигне на пазарот до 2010 и ги расипува плановите на General Motors кој токму својот Volt го претставуваше како првиот plug-in хибрид на светот што ќе се произведува сериски.
Интересно е што технологијата која работи во F3DM суштински не се разликува од технологијата на Chevrolet Volt. И кинескиот plug-in хибрид го задвижуваат акумулаторски батерии кои се полнат од мотор со внатрешно согорување. Неговата единствена улога во автомобилот е да биде генератор.
Секако покрај напојувањето од сопствениот мотор F3DM ќе може да ги полни своите батерии со приклучување на обичната електрична мрежа што е и целта на plug-in хибридите.
Инженерите на BYD истакнуваат дека F3DM со полни батерии има радиус на движење од 120 km, но не ја откриваат максималната брзина. За комплетно полнење на батериите со приклучување на обичната електрична мрежа потребни се 9 часа.
Одговорните во BYD побрзаа да се пофалат дека ова се првичните резултати и дека продолжуваат да ја развиваат својата технологија што дополнително ќе го скуси времето потребно за полнење.
BYD покрај автомобилите произведува и батерии. Компанијата е најголемиот производител на батерии во Кина и ги користи сите ресурси за да ја усоврши технологијата за својот plug-in хибрид.
F3DM користи литиум-железо-фосфатни батерии кои имаат околу 10 пати подолг век на траење од литим-јонските батерии, подолго ја зачувуваат енергијата, побрзо се полнат и се значително побезбедни бидејќи не се самозапалуваат при оптоврување и во случај на судар.
Доколку BYD сака автомобилот да го нуди и на пазарите во Европа и САД потребно е F3DM да мине низа тестови, но без оглед на се кинезите веруваат во својот производ и најавија и цена од 22.000 долари.
|