|
Првиот автомобил од серијата која треба да ја оживее легендарната спортска марка Gordini, го здогледа светлото на денот, со надеж дека повторно ќе влијае на една цела генерација возачи.

Gordini на новото време доаѓа во форма на Twingo Gordini R.S. кој, како што беше најавено, е изложен на L’Atelier Renault на Шанз Елизе во Париз како дел од изложбата „Божик во Сино” и ќе остане таму се до 10 јануари 2010.
Малечката бомба на четири тркала се перчи со блескавата метално сина боја, во Renault заведена под името Malte Blue, или, Franch Racing Blue, и две бели тркачки ленти, со цел да се сочува традицијата на Gordini и екслузивни леснометални бандажи од 17 инчи.
Визуелниот настап на Twingo Gordini R.S. покрај со специфичниот лак, надополнет е со набабрените арки над тркалата, проширените прагови, браниците напред и назад со црн лак финиш во средишниот дел и рамките на светлата за магла од четкан алуминиум.
Персонализацијата на внатрешноста на Twingo Gordini R.S. оди на уште повисоко рамниште. Тука се предните седишта изработени по спецификација на Renault Sport со поголема странична поддршка. Седиштата се обложени во кожа, прошиени се со шевови со син конец и имаат сини инсерти на потпирачот и потпирачот за глава. На нив стои и неизбежниот беџ на Gordini.
Понатаму тука се сините инсерти со бели линии на панелите на вратите, сино црниот волан обложен со кожа и украсен со две ленти, сина кожа околу рачката од менувачот и сино капаче со беџот на Gordini озгора и син бројач на вртежи со бела подлога.
За да се оправда спортското наследство на Gordini, Twingo Gordini R.S. е поставен на истата шасија на кoја стои и Twingo RS овозможувајќи му на автомобилот одлични возни карактеристики подеднакво погодни и за на тркачка патека и за секојдневно патување.
Под хаубата работи нервозниот 1.6 литарски бенизнец кој оставрува 133 КС и вртежен момент од 160 Nm доволни за максимална брзина од 201 km/h и спринт до 100 km/h за 8,7 секунди.
Моторот развиен од инженерите на Renault Sport покрај високите перформанси нуди и дизајниран звук. Се работи за специфичен звук кој својата најубава нота ја остварува при забрзување, односно при нагло притискање на педалот за гас.
Сликата за Twingo Gordini R.S. ја потполнува богатото ниво на опрема која доаѓа сериски. На списокот се автоматски клима уред, автоматско палење на светла, сензор за дожд, темпомат со лимитатор на брзина, ESP со можност за деактивирање, радио со CD и MP3 со моќност од 80W плус конектор за iPod и МР3 плеер, затемнети задни стакла, одделни задни седишта кои лизгаат по должина...
Со доплата се добива Cup шасија, леснометалните бандажи со ист дијаметар како и сериските од 17 инчи, но со син дијамант ефект, радио со CD со Bluetooth, воздушни завеси, панорамски кров што се отвора, Gordini привезок за клуч и Gordini патосници обрабени со сино.
Цената за Twingo Gordini R.S. и цените за дополнителната опрема ќе бидат објавени кога ќе почнат нарачките на 15 февруари следната година, а првите примероци во салоните ќе пристигнат во март 2010.
|