|
Renault денес официјално ја претстави купе/кабриолет верзијата на новиот Megane која според производителот го носи најголемиот стаклен кров во својата класа со површина од 0,47 квадратни метри.

Дебелината на ламинираното стакло на кровот и задното стакло гарантираат извонредна акустичка и термичка изолација. Воедно од Renault истакнуваат дека специајлниот заштитен слој во стаклото овозможува одлична заштита од кршење и обиди на вандализам.
Повторно автомобилот доаѓа со цврст дводелен кров кој со притискање на копче се сокрива под капакот на багажникот. Операцијата на спуштање, односно подигнување на кровот трае 21 секунди. Не е најбрзо, но е пристојно брзо.
Стаклото на кровот и задното стакло се поставени врз црна челична рамка која визуелно ја зголемува стаклената површина. Ваквата изведба му поклонува на Megane CC елеганција на купе и задоволство во возење со ветар в коси.
Благодарение на предното стакло кое е поставено релативно кон напред и дополнителното заштитно стакло кое штрчи меѓу потпирачите за глава на задните седишта петте патници во Megane CC до околу 90 km/h можат да се возат без страв дека ветрот ќе им ги растури фризурите.
Над оваа брзина патниците на задните седишта веќе чувствуват посилни налети на ветар. Затоа со поставување на заштитна мрежа со подигнат дефлектор преку задните седишта возачот и совозачот можат да уживаат во возењето со спуштен кров и при максимална брзина без да бидат издувани од налети на ветар.
Megane CC во должина мери 4.485 mm и обезбедува доволно простор во кабината за комфорно патување на пет патници. Плус тука е и багажникот кој при затворен кров нуди волумен од 417 литри. Со отворен кров сместен под капакот багажникот има волумен од 211 литри.
Сите што ќе се одлучат да го купат новиот Megane CC ќе моќат да избират меѓу три бензински и три дизел мотори. Од бензинските мотори тука се атмосферските четирицилиндерци од 1.6 и 2.0 литари со 110 КС и 140 КС.
За оние што сакаат турбо моќност тука е 1.4 литарскиот TCe – Turbo Control efficiency кој остварува 130 КС. Сите сериски се испорачуваат со шест степен мануелен менувач, додека за 2.0 литарецот како опција стои и новиот автоматик со континуиран пренос CVT кој нуди опуштено и комфорно крстосување.
Дизелската понуда почнува со 1.5 dCi кој испорачува 110 КС и по желба може да се добие со новиот шест степен автоматски менувач со две спојки EDC – Efficient Dual Clutch, или пак, сериски шест степен мануелен менувач.
Останатите две дизелски понуди доаѓаат во облик на 2.0 литарскиот dCi во две изведби послабата со 130 КС и помоќната со 160 КС кои заради големиот вртежен момент се нудат само со шест степен мануелен менувач.
Од Renault истакнуваат дека Megane CC ќе се нуди со повисоко ниво на опременост кое дои во склад со лајфстајл карактерот на автомобилот.
Светската јавност за првпат ќе може да го види Megane CC во живо на претстојниот салон во Женева, додека продажбата треба да започне во јуни. Цените сеуште не се објавени, но се очекува старт од околу 22.000 евра.
|