По прикажувањето годинава на салонот во Женева, Renault и
официјално ја претстави својата џебна ракета Twingo RS наменета
да ги одушеви љубителите на многу коњи во мало пакување.
Добро е што и во серија Twingo RS, ќе го
користиме како кратенка за RenaultSport, не се разликува од концептот. Значи 133
коњски сили визуелно се надополнети со широкиот преден браник, испакнатите арки
над тркалата и широките странични завеси.
Секако тука е и спојлерот одзади кој со совојт облик ја
подобрува аеродинамиката, но и помага автомобилот да се залепи на асфалтот при
повисоки брзини.
Потребата од поголем доток на ладен воздух е обезбедена
со огромните отвори во предниот браник. Тука се и отворите за разладување на
предните сопирачки чиви рамки за да го остварат потребниот аеродинамичен ефект
се изведени како крилца, а одзади од под црно обоениот браник штрчи хромираната
издувна цевка.
Ретровизорите, рамките на отворите за ладење на предните
сопирачки и задниот спојлер без оглед на бојата во која е обоен автомобилот
носат темно сива боја, а по желба на сопственикот за Twingo RS се
обезбедени и налепници, заштитниот знак на RenaultSport, залепени
на страничните врати и на задната врата и браник.
Спортската нота продолжува и во внатрешноста со спортски
седишта кои ги гушкаат возачот и совозачот недозволувајќи му на телото да шета
премногу при остро возење во свијоци.
Тука се специфичниот бројач на вртежи, кожениот волан, рачката
од менувачот и рачна сопирачка од алуминиум и портокалови шевови на седиштата
кои го комплетираат спортскиот лик.
Згора на тоа секој ќе се радува на педалите од четкан
алуминиум со секому познатите симболи Pause, Stop и Play кои како да
се извлечени од некоја бесна компјутерска игра со автомобили и совршено ја
опишуваат функцијата на педалите во автомобилот, посебно во Twingo
RS. Финта!
Под хаубата на Twingo RS беснее 1.6 литарски
бенизнец со по 4 вентили на цилиндер кој е развиен од инженерите во RenaultSport.
Остварува 133 коњски сили при високи 6.750 врт/мин и има максимален вртежен
момент од 160 Nm при 4.400 врт/мин.
Сето ова е доволно за спринт до 100 km/h за 8,7
секунди и максимална брзина од 201 km/h, со просечна
поторшувачка од 7,0 литри.
Twingo RS во верзијата Cup, која веруваме
дека повеќето купувачи ќе ја одберат, лежи на леснометални бандажи од 17 инчи и
гуми 195/45, а сопира со вентилирани дискови напред со пречник од 280
mm и дискови назад со пречник од 240 mm превземени
од актуелниот Megane.
Нив ги зафаќаат сопирачки клешти со клип со пречник од 57
mm напред и 34 mm назад превземени
од поголемата и потешка Laguna.
Суспензијата е пониска за 10 mm во однос
на Twingo GT, а пружините, амортизерите и подебелите стабилизатори обезбедуваат
за 30% поцврсто подвозје. Згора на тоа користени се и поголеми тркалачки
лежишта на тркалата, исто така превземени од Megane II, заради
подобро држење на правец и поголема прецизност во управувањето.
Најдоброто доаѓа на крај, но само за купувачите во
Франција. Со доплата од само 1 евро – не е грешка – тие добиваат
комплетен курс на тркачка патека каде учат како да извлечат најмногу од својата
џебна ракета со 133 коњски сили.
Замислете само 1 евро плус за задоволството да го возите
вашиот Twingo RS на тркачка патека под
будното око на иструктор кој во случајов има задача да ве научи да возите
побрзо. Ќеиф!
Twingo RenaultSport ќе се произведува
во фабриката на Renault во Ново Место, Словенија, а стартува со продажба на 11
септември во Франција по цена од 15.601 евра.
|