Renault и се придружува на електричната револуција со
претставување на концептот Z.E. на салонот во Париз, најавувајќи дека се подготвува за
сериско производство на електро автомобил.
До сега најавите за електричен автомобил од Renault се врзуваа
со потпишување на договори со разни компании кои ќе земат учество во развојот и
производството, но сега за првпат може да се фрли поглед врз проектот кој на
крај ќе вози на улица.
Концептот Z.E. е визија за
електричен автомобил на иднината и како што велат одговорните за развој во Renault, тој треба
да биде компактен, ефикасен и со реална цена за да може да си го дозволи обичниот
купувач.
Z.E. го задвижува електричен мотор со моќност од 94 коњски
сили и максимален вртежен момент од 226 Nm кој е
расположив од 0 врт/мин. Напојувањето на електромоторот доаѓа од пакет
литиум-јонски батерии.
Како основа за Z.E. послужил Kangoo
Be Bop, но малечкиот ван претрпел опсежни модификации со цел да ги исполни
барањата за еден електричен автомобил.
При создавањето на Z.E.
конструкторите тргнале од драстично намалување на потрошувачката на енергија на
помошните системи во возилото, од кои светлата и клима уредот се сметаат за
најголеми голтачи, и зголемување на перформансите и на радиусот на движење.
За таа цел употребени се нови материјали за изолација со
кои се намалуваат температурните разлики кабина/надворешност и со тоа се намалува
работата и потрошувачката на клима уредот.
На ова се надоврзуваат и новите ламинирани стакла со
светло зелена боја кои дополнителни го спречуваат продорот на сончевите зраци
во кабината. Згора, стаклениот кров е прекриен со соларни панели чива енергија
се користи за работа на клима уредот дури и кога возилото стои на паркинг.
Ниската потрошувачка на енергија е добиена и со
подобрување на аеродинамиката. Тука голема улога игра замената на страничните
ретровизори со камери за поглед кон назад кои користат ниско количество на
енергија и исто како и клима уредот се напојуваат од енергијата што ја
произведуваат фотоволтаичните ќелии на кровот.
Z.E. вози на гуми со низок отпор на тркалање, а потребното
осветлување го обезбедуваат светлечки диоди кои се користат за предните и
задните светла, трепкачите, светлата за магла и внатрешното осветлување.
Сета оваа технологија го претвора Z.E. во еден
штедлив градски превозник кој би требало да пристигне до првите купувачи една
година откако партнерот од групацијата, Nissan ќе го
пробие мразот со Nuvu.
Значи Z.E. ќе го видиме на улица во 2011.
|