|
Се чини неверојатно, но е вистинито. Рускиот олигарх Михаил Димитриевич Прохоров започна да развива проект на народен еколошки автомобил којшто очигледно полека се доближува до реалноста.

Доказ дека проектот е извесен се и првите тизер фотографии кои делумно ги отркиваат начелните дизанерски линии на екомобилот како што го нарекуваат инженерите од развојното одделение на Onexim Group сопственост на Прохоров.
За сега информациите околу рускиот хибрид се бројат на капка, она што се пласира е дека станува збор за plug-in хибрид кој ќе работи по принципот на работа на Chevrolet Volt и неговите близнаци Opel Ampera и Chevrolet Volt MPV.
Тоа значи дека примарниот погон на автомобилот е електромотор со моќност од 70 КС кој се напојува од пакет литиум-јонски акумулаторски батерии. По празнење на батериите до одреден капацитет во погон стапува класичен мотор.
Агрегатот со внатрешно согорување кој има само улога на генератор има зафатнина од 0,6 литри, најверојатно распоредени во два цилиндри и работи на компримиран земјен гас или CNG - Compressed Natural Gas.
Рускиот хибрид како што наведуваат од Onexim Group способен е да достигне максимална брзина од 120 km/h и има автономија од 400 km што претставува сериозен резултат зе еден екомобил.
Планот на групацијата е во развојот на проектот да се вложат дополнителни 150 милиони долари со цел да биде реализиран до крајот на годината. Стартот на производството се очекува во 2011, а цената би стартувала од околу 10.000 долари.
Секако одговорните од Onexim Group нема да застанат тука. Тие ветуваат дека по пласирање на екомобилот на пазар сите сили ќе се насочат кон развојот на кросовер на истата платформа.
|