|
Кинескиот производител на автомобили Shanghai Automotive Industry Corporation или SAIC одлучи својот нов хечбек кој првично беше наменет само за пазарот во Кина да го пласира и на пазарот во Европа.

Информацијата доаѓа директно од претседателот на кинескиот гигант којшто воедно е и сопственик на старата британска марка MG - Morris Garages. SAIC го купи MG Rover уште во 2007.
Тогаш заедно со сопственоста на марката ја добија и фабриката Лонгбриџ во Бирмингем, централна Англија каде што ќе се произведува новиот хечбек MG6 којшто ќе биде наменет за пазарите на стариот континент.
Претседателот на SAIC, Чен Хонг истакна дека погоните се подготвуваат за старт на производството на новиот MG6. Првите примероци ќе се симнат од производна лента кон средина на годината, а продажбата во Европа ќе стартува околу еден месец потоа.
„Нашата цел е да ја модернизираме и прошириме фабриката во Лонгбриџ,” истакнува Чен Хонг. „Производството треба целосно да се префрли во Европа. На почеток деловите за MG6 ќе се произведуваат во Кина и потоа ќе бидат доставени во Лонгбриџ за склопување.”
„Сакаме моделите на MG, не само MG6, да ги продаваме во Велика Британија, но и низ цела Европа. Идејата е да се активира постоечката дилерска и сервисна мрежа на MG и значително да се подигне нивото на услуги и грижата за корисници,” го завршува своето излагање Хонг.
MG6 e автомобил долг 4.653 mm, широк 1.827 mm, 1.478 mm со меѓусокино растојание од 2.705 mm багажник чив волумен од основните 429 литри се зголемува на максимални 1.379 литри.
Под хаубата работат два бензински четири цилиндерци со зафатнина од 1.8 литри. Послабиот е атмосверски со варијабилно управување со всисните и издувните вентили и остварува 134 КС при 6.000 врт/мин и максимален вртежен момент од 170 Nm при 4.800 врт/мин.
Помоќниот има турбо натполнење и остварува 161 КС при 5.500 врт/мин и максимален вртежен момент од 215 Nm од 2.500 до 4.500 врт/мин. Двата мотори моќноста до предните тркала ја пренесуваат преку пет степен мануелен менувач или пет степен автоматик со две спојки крстен Tiptronic.
Максималната брзина на MG6 со послабиот мотор изнесува 188, однoсно 185 km/h со Tiptronic, додека турбото остварува максимални 205 km/h без оглед на менувачот.
Од SAIC наведуваат дека протрошувачката при 90 km/h изнесува од 5,6 L/100 km и кај двата мотори врзани со мануалниот менувач. Атмосферскиот бензинец со Tiptronic троши 6,0 L/100 km, а турбото 6,3 L/100 km, при 90 km/h.
Цените за европскиот пазар сеуште не се формирани, но сигурно ќе бидат објавени непосредно пред стартот на продажбата.
|