Volkswagen во Болоња го претстави своето видување
за високо перформансна верзија на Scirocco наречена Studie
R од која треба да произлезе наследникот на Golf R32.
Концептот Scirocco Studie R ќе
пристигне на пазарот на есен 2009 и ќе го замени постоечкиот Golf
R32. Шестата генерација на Golf едноставно нема да има високо перформансна верзија. Tаа ќе биде заменета со спортска верзија на Scirocco.
Очигледно е дека Studie R
инспирација ја влече од концептот Scirocco GT24. Нуди сличен
преден браник со големи отвори за воздух кој прави автомобилот да биде уште
поагресивен, а дозата на агресивност е зголемена со предимензионираното задно
крило.
Понатаму сличностите се огледуваат во дифузорот
интегриран во задниот браник и отворите на хаубата за одвод на врелиот воздух
продуциран од моторот.
Scirocco Studie R иако се подготвува
да го наследи Golf R32, сепак, под хауба нема да го носи големиот атмосферски
бензинец V6. Место него конструкторите се одлучија да го искористат
моторот кој веќе работи во Audi S3.
Тоа е познатиот 2.0 литарски турбо бензинец TFSI кој во Scirocco
ќе остварува 275 коњски сили и преку шест степен менувач DSG ќе ги
испраќа само на предни тркала.
За да може сета оваа снага да се пренесе на асфалт без
големи загуби инженерите морале да го зацврстат подвозјето вградувајќи нови
поцврсти пружини и амортизери и стабилизатори со поголем дијаметар.
Scirocco Studie R сопира со поголеми
самовентилирачки и бушени дискови вградени напред кои ги зафаќаат четири клипни
сопирачки клешти. Покрај перформансите и одличните возни карактеристики Studie
R ќе го опчинува својот сопственик и со звукот.
Имено инженерите за акустика успеале да го дизајнираат
звукот. За до го направат тоа направиле комплетно нов издувен систем со зголемен
проток на гасови кој не само што му помага на моторот полесно да диши туку и му
помага да звучи толку добро што наежува.
Внатрешноста сметаме дека нема потреба да се опишува.
Едноставно фотографиите говорат се. Детали од карбон-фибер и алуминум, кожа на
седишта, поточно тркачки кади, рачка од менувач од четкан алуминиум...
Кога ќе пристигне
во продажните салони Scirocco Studie R ќе носи друго име. Според информациите кои доаѓаат од
таборот на VW серискиот автомобил најверојатно ќе се вика Scirocco
R20T.
|