Изгледот ги оправдува перформансите. Во случајот на
новиот Focus RS тоа е сосема точно. Очарувачкиот лик и зелената боја
најавуваат опасна и брза машина која доаѓа од гаражата на Ford Team RS.
Работите полека почнуваат да се менуваат во Ford. Всушност
најавата за менување на работите повеќе има глобален призвук. Евидентно е дека јапонските марки Subaru и Mitsubishi го
смируваат дизајнот на своите бесни миленици Impreza STi и Evo X и се
обидуваат да пристапат до што поширок слој на купувачи.
Од друга страна пак, до сега смирениот Ford врти нов
лист. Во најава е новиот спортист RS чив дизајн
недвосмислено е инспириран од рели верзијата која вози во WRC.
Агресивен, со нагласени арки над тркалата, поширока
трага, големо крило поставено над задната врата, отвори за одвод на топол
воздух на хаубата и предните крила и големи леснометални бандажи од 19 инчи.
Под хаубата работи истиот мотор како и во Focus
ST. Петцилиндричниот 2.5 литарски турбо кој во ST испорачува
225 коњски сили во RS нуди нови доживувања. Снагата е подигната на 280 коњски
сили кои ги задвижуваат предните тркала.
Иако многумина ќе забележат зошто како кај јапонските
ривали не се користи погон на четири тркала Ford не
отстапува од својата намера. Нивниот одговор се состои од чиста пресметка во
која дополнителната тежина, комплексноста на системот и повисоката цена немаат
кворум.
Значи погонот на предни тркала останува, но за да се
добијат соодветни возни карактеристики одговорните во Ford собраа тим
од инженери вработем во Team RS кои беа одговорни за развојот на Focus и Fiesta
ST и ги испратија во Нирбургринг.
Тие ќе работат на фино дотерување на напреден електронски
самоблокирачки диференцијал изработен од специјалистот за трансмисија Quaife. Според
пресметките диференцијалот е способен да ги смири моќните коњи дури и кога овие
се во полна налет.
Покрај дотерувањето на диференцијалот инженерите работат
и на суспензијата, управувањето и на сопирачките, но и на смалување на
тежината. Сигурно кога е во прашање тежината нема да се штеди на добрата механика.
Штедењето најверојатно ќе биде на штета на комфорната опрема која и онака на
сопственикот нема да му биде потребна.
Токму затоа ќе биде задржана само верзијата со три врати.
На вака олеснетиот Focus RS, 280
коњски сили ќе му бидат доволни за спринт до 100 km/h за помалку
од 6 секунди и максимална брзина од 250 km/h.
Најбрзиот сериски Focus на светот
ќе и биде претставен на светската јасност на салонот во Лондон во јули. Планот
е да се произведуваат 5.000 примероци годишно, а се очекува цена пониска
30.000 евра.
Понуда на која секој љубител на жешки компакти тешко ќе
каже не.
|