|
Toyota и американскиот производител на електрични автомобили Tesla се на прагот на остварување заедничка соработка за снабдување на јапонците со иновативните електромотори на Tesla.

Целта на Toyota е да обезбеди квалитетни електромотори за електричните верзии на своите SUV модели RAV4 и за Lexus RX. Првите електромотори и се веќе испорачани на Toyota и нивните инженери се подготвуваат за првични тестови.
Стартот на тестирањето е закажан за крајот на месец јули, периодот на тестирање сеуште не се знае, односно ќе трае се додека инженерите на Toyota не утврдат дали електромоторите на Tesla се погодни за нивните модели.
Најголемиот производител на автомобили на светот најави дека работи на развој на електромобил којшто со едно полнење на батериите ќе биде способен да оствари автономија од 240 km.
Интересно е што тестирањето се врши на SUV модели, односно на RAV4 и на Lexus RX, но првиот електромобил на Toyota ќе биде автомобил во класата на Prius, додека останатите варијанти, меѓу кои и кросовери ќе следат подоцна.
Причината сошто се избрани токму RAV4 и Lexus RX e габаритот и тежината на возилата кои најмногу одговараат за моќноста на електричните мотори на Tesla.
Од Toyota предвидуваат дека развојот би завршил за околу две години и кон крајот на 2012 на пазарот во САД би стартувала комерцијализацијата на првиот сериски електромобил на Toyota кој би чинел околу 40.000 долари.
За сериозноста на соработката меѓу Toyota и Тesla и усовршување на развојот на електромобилите говори постигнатиот договор Toyota да купи акции од Tesla во висина од 50 милиони долари.
Воедно Tesla Motors се обврза да ги купи погоните на Toyota во Калифорнија каде првично ќе стартува со производство на својот електричен седан Model S, а понатаму би следело и производството на други модели.
|