И покрај ограничените финансии од страна на концернот Seat е на
прагот на препород и е во фаза на развој на неколку нови автомобили кои ќе се
појават во следните три до четири години.
Предводник на оваа нова низа на модели е секако новата Ibiza, а по неа
следи и Exeo. Иако Seat се труди да го претстави Exeo како
целосно нов модел, не треба многу за да се забележи дека тоа сепак е стилски
дотеран Audi А4 од претходната генерација.
Но, ова прво не е вина на Seat туку
политика на концернот кому му припаѓа, а второ се работи за проверена механика
која со дополнителните подобрувања стои рамо до рамо со најсовремените
примероци од класата.
Одличните возни карактеристики својствени за A4 ги
наследува и Exeo пред се поради независната суспензија напред со четири
независни водилки и трапезоидната задна оска.
Exeo покрај верзијата седан ќе се продава и како комби,
продажбата ќе стартува во текот на 2009 и ќе биде претставен како модел за 2010.
Од фотографиите може да се забележи дека во случајот на Exeo
дизајнерите играле на сигурна карта и нацртале еден потполно конзервативен
автомобил.
И додека задникот го наследува влијанието на сестринската
марка Audi, предниот дел го дели препознатливиот дизајн на новата Ibiza.
Дизајн кој патем ќе биде заштитен знак на сите идни модели на Seat. Специфични
се и страничните ретровизори.
На почеток од продажбата под хаубата на Exeo ќе работат
три бензински мотори со распон на моќност од 102 до 200 коњски сили и три
дизели со распон на моќност од 120 до 170 коњски сили.
Верзијата претставена на салонот во Париз е опремена со
2.0 литарскиот турбо бензинец TSI кој остварува 200 коњски сили. Во Seat наведуваат
дека просечната потрошувачка на овој модел изнесува 6,4L/100 km.
Exeo ќе биде наполнет со современа електроника и модерен
мултифункционален забавен систем кој вклучува читање на формати како МР3/MPEG4
има приклучок за iPod/USB и конекција Bluetooth.
Тука е и системот за навигација, но и сончевиот кров со
соларни ќелии чива улога е напојување на двозонскиот клима уредот, Xenon предни
светла со светла за возење дење и осветлување во свијок.
Целта на Seat е со Exeo да влезе во битка за пазарниот сегмент каде владеат
автомобили како Renault Laguna, Ford Mondeo, Alfa Romeo 159, а основата
на Audi треба да му помогне успешно да се избори за својот дел
од колачот.
|