Релито е форма на мотоспорт која одсекогаш одушевувала и што е најважно успеала да произведе неколку автомобили на кои и ден
денес им се восхитуваме и посакуваме да се наши.
Само да споменеме некои од автомобилите како што се Renault
5 Turbo, Audi Quattro, Lancia Delta, Toyota Celica, Subaru Impreza, Mitsubishi
Lancer Evo… Секој од овие автомобили навидум наменети за
секојдневието се претворани во монструозни болиди способни да бришкаат без
оглед на подлогата и условите.
Токму затоа привлекуваат голем број фанови.
Производителите се свесни за овој феномен и даваат се од себе за да создадат
победник. Skoda по повлекувањето од WRC Светскиот шампионат во рели почна да
крои планови за нов рели болид, а новата Fabia дојде како
порачана.
Оделот за спорт веќе работи на проектот Fabia
2000 која ќе се натпреварува во категоријата Super 2000 каде во
моментов владее Fiat Grande Punto.
Иако поставена на основата на сериската Fabia, новиот
ѓавол обоен во мат црна боја носи атмосферски 2.0 литарец кој преку шест степен
секвенцијален менувач ја испорачува снагата до сите четири тркала преку три
механички диференцијали. Автомобилот се тестира на големо, а комплетната
спецификација околу моќноста, перформансите, димензиите ќе биде објавена
подоцна.
Сепак, изгледот е извесен. Големите проширувања околу
тркалата укажуваат на значително зголемена трага за подобро држење на пат,
аеродинамичките додатоци дополнително треба да го залепат автомобилот за
подлогата, а масивниот заштитен кафез ги чува пилотот и копилотот.
Сеуште нема најава кога Fabia 2000 ќе почне
да се натпреварува. Единствено се знае дека автомобилот ќе можат да го купат и
приватни тимови.
  
|