|
После долги истражувања раководството на Skoda одлучи да даде зелено светло за производство на нов мал автомобил којшто ќе има најниска цена во моделската понуда на производителот од Чешка.

Новиот модел на Skoda ќе се нарекува Joyster според концептот претставен во 2006, а ќе биде поставен на платформата на новиот Volkswagen Up!, но со мотор поставен напред и погон на предни тркала.
Концептот на Up! како што го замислија инженерите од Volkswagen со мотор поставен одзади и заден погон нема да се оствари заради сложеноста на изведбата која со себе повлекува и повисока цена.
Секако високата цена не одговара со автомобил од големината на Up!. Токму затоа се очекува дека Joyster со традиционалната конструкција се напред всушност да биде тестно глувче кое на пазарот ќе се појави пред Up!.
Со класичниот начин на градба на мали автомобили едно ќе се намали цената на производство, а со тоа и крајната цена на автомобилот што треба да ја плати купувачот. Плус ќе се ослободи повеќе место во кабината и во багажникот.
Под хаубата на Joyster како што најавуваат од Skoda ќе работат два мотори со три цилиндри. Бензинец од 1.0 литри и 75 КС и турбо дизел со зафатнина од 1.2 литри и идентична моќност од 75 КС.
Joyster ќе се нуди во две изведби со три и со пет врати, а истата концепција ќе ја наследат и останатите модели поставени на основата на Up!. Производството на сите модели ќе се одвива во фабриката на VW Group во Братислава, Словачка.
Се очекува Joyster на пазарот да пристигне на почетокот на 2012, а светската премиера најверојатно ќе се случи на салонот во Франкфурт на есен в година. Главни конкуренти се триото Toyota Aygo, Peugeot 107 и Citroen C1.
|