Американците се една од најгордите нации на светот
воопшто. А можеби и затоа што од кај нив официјално доаѓа најбрзиот автомобил
на светот кој го носи звучното име SSC
Ultimate Aero.
До сега на располагање само за американскиот пазар Ultimate Aero после подолго време добива верзија прилагодена за приликите на Стариот
континент и од скоро ќе се нуди и на купувачите низ Европа кои трагаат по
ексклузива.
Ексклузивата наскоро ќе биде уште поголема со најавата за
електричен супер спортист Ultimate
Aero EV кој ќе носи електро мотор со моќност од 500 КС и ќе
гарантира брзини далеку над 300 km/h.
Автомобилот кој доаѓа од мануфактурата на Shelby SuperCars – SSC носи во шасијата централно поставен 6.3 литарски V8 битурбо
кој остварува 1.287 КС при 6.075 врт/мин и има максимален вртежен момент од
камионски 1.507 Nm при, ова е интересно, 6.150 врт/мин. Црвеното поле на бројачот на вртежи почнува
од 7.200 врт/мин.
Понатаму. Ultimate
Aero сета оваа снага ја испраќа само до задните тркала преку
шест степен мануелен менувач. Без оглед на концепцијата и биковската снага Ultimate Aero нема многу губитоци испорачувајќи ја истата врз асфалтот.
Спринтот, пардон, катапултирањето до 100 km/h
изнесува 2,78 секунди. Ако се продолжи со притискањето на педалот за гас до крај
Ultimate Aero до 200 km/h ќе стигне за 6,0 секунди и продолжува до 300 km/h за
12,0 секунди.
Производителот исто така наведува максимална брзина од
438 km/h кои се остваруваат во шестиот степен на пренос при 7.200 врт/мин. Но,
официјално во просек производителот наведува дека Ultimate
Aero остварува максимална брзина од 434 km/h која
реално може да се очекува секогаш кога ќе се отиде до крај.
Ова е далеку повеќе од максималната брзина на Bugatti Veyron. Исто така стои податокот дека при 96 km/h во
шести степен на пренос моторот на Ultimate Aero се врти со 1.550 врт/мин.
Супер спортистот сопира со помош на бушени вентилирачки дискови со
дијаметар од 355 mm напред кои ги зафаќаат осум клипни сопирачки клешти и исти такви назад кои
пак ги зафаќаат сопирачки клешти со 6 клипови.
Тие се сокриваат зад леснометални бандажи со од 19 инчи
напред и 20 инчи назад обуени во гуми Michelin
Pilot Sport PS2 со димензии 235/35 напред и 335/30 назад.
Во кабината на Ultimate
Aero можат да патуваат само возач и совозач исе возат во
автомобил долг 4,47 m,
широк 2,10 m
и висок 1,07 m. Доколку сте мераклија на ултимативна брзина во ултимативен автомобил тогаш
во Европа за него ќе треба да се одвојат околу 540.000 евра.
|