Get Adobe Flash player
Супер автомобилот 9ff GT9 стартува со продажба
18.07.2008
9ff-gt9-odi-vo-serija-1.jpgГолемиот предизвик да се направи автомобил што ќе биде побрз од Bugatti Veyron конечно им успеа на инженерите од 9ff. Автомобилот е 9ff GT9 и стартува со продажба веднаш.

На тестирањето во април годинава нивниот GT9 успеа да ги победи неофицијалните 407 km/h на Bugatti Veyron и достигна максимална брзина од 409 km/h, но тогаш автомобилот сеуште беше во експериментална фаза.

Сега 9ff GT9 е подготвен да се сретне со потенцијалните клиенти и влегува во сериско производство, но прашање е колку примероци ќе бидат на располагање за купувачите бидејќи се работи за екстремно мала серија од 20 примероци која треба да обезбеди апсолутна ексклузивност.

Цената е вистинска посластица точно 498.000 евра. Некој би забележал дека тоа е премногу за автомобил кој почива на основата на еден Porsche 911, но иако механичката основа е иста GT9 е комплетно сменет.

GT9 ја напушта изведбата со мотор поставен зад задната оска. Инженерите од 9ff за него конструираа нова шасија во која моторот е поставен централно. Причина е отворање на поголем простор за сместување на 4.0 литарскиот шест цилиндричен боксер со два турбо полначи кој остварува 987 коњски сили и максимален вртежен момент од 964 Nm. Мотор во целост е дело на инженерите на 9ff.

Направените измени ја растегнуваат каросеријата на 911 GT3, врз кого всушност е поставен GT9, за 300 mm, а кровот е спуштен за цели 120 mm со што е постигната максимална вредност на downforce, потисок врз подлога, при високи брзини.

Со користење на карбон-фибер и кевлар при изработка на шасијата и на каросеријата тежината е спуштена на ниски 1.326 kg. Ниската тежина покрај перформансите им годи и на гумите Continental Vmax кои вака помалку се трошат и се рангирани до максимална брзина од 410 km/h, само 1 km/h повеќе од максималната брзина на GT9.

Иако GT9 успеа да го победи Bugatti Veyron и да влезе во сериско производство, сепак, тој не е најбрзиот автомобил на светот кој се произведува сериски.

Титулата најбрз сериски автомобил на светот сеуште е во рацете на американскиот SCC Ultimate Aero TT кој во септември минатата година успеа да достигне максимална брзина од 411 km/h.

 

 

 

Facebook