|
Одговорните во Suzuki се незадоволни од однесувањето на Volkswagen и бараат преиспитување на договорите. Воедно наведуваат дека сакаат да ја продлабочат соработката со италијанскиот партнер Fiat.

Според потпретседателот на Suzuki, Јасухито Харајама, производителот до сега требаше да има пристап кон хибридните технологии на Volkswagen, но овој услов од договорот не е испочитуван веќе 18 месеци.
Воедно Volkswagen се обидува премногу да влијае на менаџментот на Suzuki што исто така се коси со договорот бидејќи Suzuki се согласил да биде партнер на VW, а не да стане дел од него.
Харајама вели дека сега треба да се почне од почеток за да се утврдат позициите на двете страни. Неговиот став е категоричен по прашањето на независноста на Suzuki. Истото го тврди и шефот на компанијата Осама Сузуки.
„Пакетот на акции купени од нас и од VW се разликува. VW купи 19,9% од Suzuki, a Suzuki 1,3% од VW што можеби влијаело на расудувањето на одговорните во VW дека го зеле Suzuki под своја капа,” изјави Оасама Сузуки.
Во потпишаниот договор стои дека алијансата меѓу Suzuki и VW треба да развива заеднички модели со имплементирање на заеднички технологии. Беше договорено да се создаде модел за пазарот во Индија по ниска цена.
Но, од тоа нема ништо. Осама Сузуки истакнува дека VW сам развива модели за Индија и за Јужна Америка и дека не му е потребна помош од Suzuki. Воедно други компании сакаат да склучат договори со Suzuki за заеднички развој на мали модели со рамноправно учество и услови на работа.
„Во моментот немаме ниту еден заеднички проект, ниту било каква заедничка соработка со VW,” заклучуваат Харајама и Сузуки. Од друга страна Suzuki би требало да соработува со Fiat посочуваат тие.
„Соработката со Fiat функционира безпрекорно веќе низа години и нејзиното продолжување и продлабочување е од голема полза за двете компании,“ согласни се Харајама и Сузуки.
По нападите VW се обиде да ги смири челниците на Suzuki уверувајќи ги дека немаат намера да посегнуваат по самостојноста на компанијата и не планираат зголемување на уделот во акциите на јапонскиот производител.
|