Get Adobe Flash player

Tata ќе ја освојува Европа
26.02.2010

Индискиот гигант и производител на автомобили сериозно се подготвува за освојување на европскиот пазар. Покрај малиот Nano, Таta во Женева планира да го престави и новиот знаменосец Aria.

tata-aria-europa-2010-1

Таta Aria е теренско возило кое е планирано да биде глобален модел, но примарната цел според одговорните во компанијата е освојување на европскиот пазар.

Токму поради тоа големо внимание е посветено на безбедноста и од Tata очекуваат солидни 4 ѕвезди на тестот за проценка на безбедноста на автомобилите EuroNCAP и задоволување на еколошките норми.

Европските специјалисти по прашање на безбедноста кои веќе имале можност да се запознаат со градбата и системите на Tata Aria велат дека очекуваните 4 ѕвезди на EuroNCAP се реалност како и нормите Euro 5 што е за поздравување.

Воедно истакнуваат дека ова е највисокотехнолошкиот модел што Tata некогаш го произвела иако каросеријата не е самоносечка туку почива на класична шасија.

Користењето на ригидна шасија од друга страна пак е доста погодно за источните делови од Европа пред се, вклучувајќи ја тука и Македонија каде патиштата се катастрофално лоши.

Tata Aria е голем автомобил кој во должина мери 4.780 mm што овозможува проектирање на пространа и комфорна кабина во која е сокриен и трет ред седишта. Кабината е опремена со сета современа електроника и мултимедијален систем за забава кој опфаќа и голем LCD екран поставен на таванот.

Под хаубата на моделите што се планирани за во Европа ќе работи четирицилиндричен турбо дизел со зафатнина од 2.2 литри и максимална моќност од 140 КС. Подоцна во план е и помоќен дизел кој ќе испорачува 170 КС.

Сеуште нема податоци за перформансите на Tata Aria. Она што е достапно е дека снагата ќе се пренесува на четири тркала со класичен систем на диференцијали и мануелен менувач со пет степени на пренос.

Помоќната верзија која доаѓа подоцна ќе има и нов менувач со шест степени на пренoс бидејќи петстепениот нема да може да се носи со поголемата моќност на моторот. За сега бензински мотор, барем во Европа не стои во плановите на Tata.

Tata Aria на европскиот пазар треба да ја видиме за една година од сега кога е најавен стартот на продажбата.

 
Get Adobe Flash player