|
Toyota после кусо разгледување на ново настанатите проблеми со сопирачките на своите хибридни модели се одлучи повторно да превземе голема сервисна акција заради отстранување на грешките.

Информациите кои протекуваа во изминатите денови се однесуваа на разгледувањето на можноста за повторно повикување во сервис што евентуално и се случи.
Денес најголемиот производител на автомобили во светот го објавува јавниот сервисен повик и ги повикува во сервис хибридните модели кои го носат знакот на Toyota, и знакот на Lexus заради остранување на грешка со сопирачките.
Станува збор за вкупно 437.000 хибриди на глобално ниво кај кои софтверска грешка може да влијае врз антиблокирачкиот систем на сопирачките ABS.
Софтверот на управувачката единица кај проблематичните хибриди прави грешка при распознавање на ситуации кога се работи за регенеративно односно нормално сопирање кога се полнат батериите и силно, панично сопирање кога треба да се активира системот ABS во обид да спречи тркалата да се блокираат.
Инженерите на Toyota откриле дека заради софтверската грешка системот неправилно ја распознава ситуацијата и дава погрешен сигнал што моментално предизвикува чувство дека силата на сопирање се намалува, посебно кога автомобилот вози по нерамен или лизгав пат.
Ова се случува заради премногу долгото време потребно системот да реагира, т.н. дупка во реакцијата. Системот доцни да го вклучи ABS модусот за да не дојде до блокирање на сопирачките и воедно го намалува притисокот зголемувајќи го растојанието потребно за автомобилот да сопре.
„Јас лично ја потврдувам оваа ситуација,” изјави претседателот на Toyota, Акио Тојода. „Од возачка гледна точка се добива чувство дека сопирачките попуштаат или воопшто не работат.”
Решение за проблемот има. Се што е потребно да се направи е да се вчита нова програма, односно нов софтвер во контролната единица на системот. Едноставно автомобилот се приклучува на компјутер се вчитува новата програма и автомобилот е излечен. За оваа опeрација на овластените сервисери ќе им бидат потребни околу 40 минути по автомобил.
Како што наведовме глобално во сервис се повикани 437.000 хибриди на Toyota и на Lexus. Од нив дури 397.000 примероци отпаѓаат на новата генерација на Prius, додека останатите 40.000 примероци отпаѓаат на Prius Plug-in, Lexus HS250h и на Toyota Sai која се продава само на јапонскиот пазар.
Од вкупниот број 437.000 на со грешка зафатените возила, 223.000 примероци се наоѓаат на јапонскиот пазар, околу 155.000 примероци се на пазарите во Северна Америка, а останатите 59.000 примероци се распоредени на пазарите во Европа, Азија и Австралија.
Сето ова заедно со претходно повиканите 8 милиони возила во сервис ќе ја чини Toyota околу 2 милијарди долари што е една третина од годишната заработувачка на компанијата.
Иако сето ова претставува удар за Toyota од компанијата уверуваат дека работите ниту од далеку не се толку страшни по опстанокот на гигантот.
Трошокот ќе се оправда со уверувањето дека Toyota навистина се грижи за своите корисници и таа грижа ќе продолжи и во иднина дури и на штета на производителот.
|