|
Конечно резултатите од продажбите на светските производители на автомобили се сведени и се знае кој е победник, а кој губитник во трката за освојување на најголем број на купувачи во светот.

Toyota последна ги објави своите резултати и чесно признава дека годинава ја загуби трката за најголем производител на светот. Интересно јапонците признаваат дека не се ниту меѓу најдобрите три, туку се четврти.
Сликата на најголемите производители на автомобили во светот во 2011 година личи вака. Прв е General Motors со 9,03 милиони продадени возила, а на второто место е групацијата Volkswagen AG со 8,16 милиони возила.
Бројката на Volkswagen AG ќе нарасне за 200.000 возила, односно на вкупно 8,36 милиони примероци откако во сметката ќе бидат додадени и продажбите на марките MAN и Scania кои се дела од групацијата.
На третото место се зацврсти алијансата Renault-Nissan со вкупно 8,03 милиони продадени возила. Во бројката се вклучени и продажбите на рускиот гигант AvtoVAZ кој сега е дел од алијансата.
И на крај доаѓа Toyota. Јапонците со 7,95 милиони продадени возила го завземаат четвртото место и се надвор од големата тројка. Причината е позната и за неа е виновна мајката природа.
Но, Toyota најавува враќање на голема врата со раст на продажбите од 20% во 2012 година кои доколку се остварат ја враќаат на место број 1.
|