Третата генерација на најпродаваниот хибриден автомобил
на светот Toyota Prius ќе биде претставена на салонот во
Детроит во јануари 2009 и ќе носи соларни панели на кровот.
Иако светската премиера ќе биде во јануари, првите примероци
се очекуваат во продажните салони дури во април. Според информациите кои
доаѓаат од одделот на Toyota кој се наоѓа во Јужна Кореа третата
генерација на Рrius ќе претрпи незначителни измени во однос на сегашниот
модел.
Prius
ќе порасне во големина и ќе нуди повеќе простор во кабината која воедно ќе
биде оплеменета со поквалитетни материјали и ќе нуди чувство како во автомобил
од класа повисоко.
Во Toyota истакнуваат дека купувачите се задоволни од дизајнот на Prius бидејќи го
прави да се разликува од останатите автомобили. Тоа значи дека останува хечбек,
но ќе му биде редизајниран носот и задникот и ќе има поголемо меѓуоскино
растојание.
Без оглед на најавените измени на дизајнерите им е
наложено да го нацртаат автомобилот така што чим ќе се фрли поглед врз него
веднаш луѓето да го препознаваат како Prius.
Хибридниот систем или како што во Toyota
го нарекуваат Hybrid Synergy Drive останува, но
бензинскиот мотор си заминува. Не, место него нема да работи дизел, туку ќе
биде заменет со друг бензинец со зафатнина од 1.6 литри.
Моќноста ќе биде зголемена, но потрошувачката значително
ќе се намали. Инженерите кои работат на погонот наведуват просек од 4,9 литри
безоловен бензин.
Нови се и батериите никел-метал-хидрид кои се произведуваат во Јапонија. Според производителот нема да
има доцнење при испорака со што ќе се запазат роковите за испорака на
автомобилите до купувачите.
Најавуваните литиум-јонски батерии сеуште се во фаза на
развој и ќе се вградуваат дури во 2010 кога ќе биде претставена верзијата што ќе се приклучува на стандардна електрична мрежа за полнење на батериите.
Најголема новина кај третата генерација на Prius се
соларните панели кои ќе бидат поставени на кровот, а ќе служат за напојување на
најголемиот потрошувач на енергија во автомобилот, клима уредот.
Соларните ќелии ќе се вградуваат само во моделите со
повисоко ниво на опременост, а со нив Toyota, ќе стане првиот
производител кој ги користи во масовно производство.
|