Автомобилот кој беше дел од движечката сила на работничката
класа на Источна Германија после пауза од цели 18 години повторно се враќа на светската автомобилска
сцена во форма на концепт.
Секако во склад со новото време под хаубата на Траби не
работи двотактниот загадувач. Trabant
nT како што гласи името на концептот од Франкфурт го
задвижува електричен мотор.
Според информациите што доаѓаат од креаторите на Trabant nT тој е способен да достигне максимална брзина од 140 km/h, што
е за 10 km/h повеќе од максималната брина наведена во техничките податоци на двотактниот
Траби.
Trabant
nT има и пристојна автономија на движење од 160 km со
едно полнење на пакетот акумулаторски батерии. Конструкторите не наведуваат за
каков тип на батерии станува збор, никел-метал-хидрид, или пак, литиум-јон.
Но, затоа акумулаторските батерии покрај редовното
приклучување на електричната мрежа се полнат и преку фотоволтаични ќелии
поставени во сончевиот панел на кровот на Trabant
nT.
За да не стане забуна за кој автомобил станува збор дизанерите
се повикале на дизајнерски смерници на оригиналниот пластичен Trabant, со тоа што на Trabant
nT му поклониле помодерни дизајнерски форми. Надвор и
вантре.
Во кабината владее значително подобро уредување, а дел од
сериската опрема се клима уред, дигитален брзиномер и LCD
дисплеј на кој се прикажуваат главните параметри за функционирање на возилото и
состојбата на наполнетост на батериите.
Во моментов нема информација кога Trabant nT би влегол во сериско производство. Единствено се шпекулира дека
најверојатно ќе биде најевтиниот електричен автомобил со цена од околу 10.000
евра.
|