|
Германската компанија Travec создаде единствено возило на основата на Dacia Duster кое според стилот потсетува на класичните теренци, а со себе ги носи сите елементи на современ SUV.

Целта е на пазарот да се понуди возило кое благодарение на конструкцијата на шасијата и каросеријата има очекуван работен век од 25 години во тешки услови. Не е Mercedes (Puch) G во армиите ширум светот, но може да мине.
Ова е постигнато со создавање на сосема нова шасија од поцинкувани челични цевки врз која е поставен кафезот на кабината од алуминиумски цевки и панели кои пак се носачи на панелите на каросеријата.
Каросеријата е составена од панели од 4 mm дебела флексибилна термо стабилна пластика ABS – (акрилонитрил бутадиен стирен) преслечена со проѕирна термопластика PMMA – (поли метил метакрилат) отпорна на гребење.
Travec го нуди Tecdrah во две верзии со мек и тврд кров. Должината е 4.185 mm, широк е 1.814 mm и висок е 1.792 mm. Меѓуоскиното растојание е 2.450 mm и е покусо од она на Duster за 223 mm, затоа клиренсот изнесува 395 mm или плус 185 mm.
Сето ова заедно со агол на пристап од 47˚, агол на напуштање од 41˚ и агол на прекршување од 25˚, ветува поголема проодност на терен, а како помош доаѓа и алуминиумска плочa со која подот е запечатен и заштитен од неочекувани удари.
Механиката е иста Тecdrah доаѓа или со погон само на предна оска, или пак, со погон на четири тркала. Моторот е 1.5 dCi со моќност од 90 КС, а менувачот е мануелен со шест степени на пренос и кус прв преносен однос.
Во верзијата со погон на четири тркала постои и можноста за избор за погон на предна оска, за автоматска распределба на вртежниот момент на сите четири тркала и можност за заклучување на електромагнетната централна спојка.
Travec планира почетна серија од 3.000 примероци со почетна цена од 18.000 евра. Производството и комерцијализацијата би стартувале од следната година.
|