Појавувањето на фотографии на кои е претставен
концептуален рели автомобил со беџот на Subaru повторно
ги разбранува полемиките за актуелниот претставник на рели легендата.
Се чини дека расправиите дали новата генерација на рели автомобилот
на Subaru, Impreza WRX STI изгледа добро и дали е достоен наследник на препознатливата
рели легенда ќе траат вечно.
Од друга страна пак за автомобилот прикажан на
фотографиите нема ништо спорно. Делува застрашувачки. Монструозно. Личи како да
вози 200 +++ km/h дури и кога стои. Тоа е тоа. Дизајнерот погодил в центар.
Чудовиштево е дело на Ларс Мартенсон кој себе си се
нарекува GRID. Последните проекти на кој работел овој 3D уметник се
видеоигрите Rallisport Challenge 2 и Battlefield
2. Веруваме дека на играчите овие играчки дела им се познати.
Но, според нас, а се надеваме дека ќе се согласите и вие,
Мартенсон треба да го напушти светот на видеоигрите и да се занимава само со
една работа, а тоа е автомбилски дизајн.
Автомбилите на Subaru со себе влечат
репутација како цврсти, издржливи машини со едноставен дизајн и филигранска
механика способни да совладаат секакви услови на пат и да возат со децении.
Сепак, солидноста е само дел од целината наречена
автомобил. За добра продажба потребен е привлечен дизајн и визуелен идентитет,
нешто што Subaru, за жал не го прикажал од 2001 од претставувањето на првата Impreza
WRX STI.
Тажно, но актуелната Impreza не лепи за
око како претходникот. Но, затоа тука е креацијата на Мартенсон. Се надеваме
дека одговорните во Јапонија нема да чекаат многу и веднаш ќе го повикаат на
интервју.
А светот сигурно ќе сака да ја види следната генерација
на Impreza WRX STI, или пак, некаков нејзин дериват низ призмата на
талентираниот 3D уметник.
Можеби купето кое Subaru го развива
заедно со Toyota ќе го краси прикажаната агресивност на прикажаниот рели
ѕвер.
|