|
Кон крајот на годината на глобалниот автомобилскиот пазар пристигнува електричен супер спортски автомобил креација на малиот иновативен производител на автомобили од Калифорнија, Velozzi.

Едноставно наречен Supercar или суперавтомобил ова парче футуризам се пeрчи со бесни перформанси и гарантира лудо забрзување до 100 km/h од малку над 3 секунди и максимална брзина од преку 322 km/h.
Воедно Supercar ќе превземе значајна улога во кршење на мразот за уште еден проект на Velozzi, кросовер наречен Solo кој нема да има толку вртоглави перформанси, но затоа ќе биде практичен, а на пазарот пристигнува во 2011.
Но, да видиме што се сокрива под полниот назив Velozzi Supercar проект на чие чело стои Роберто Велоци основач и движечка сила на малата компанија.
Velozzi Supercar како и неговиот попрактичен брат Solo се првите автомобили на светот кои ќе се произведуваат сериски, а се создадени од Nano цевки на карбон-фибер.
Карбонските Nano цевки се алотроп на јаглерод со цилиндрична структура и nano големина (1 nm = 10-9 m) или милијардити дел од метарот.
Карбонските Nano цевки се користат за изработка на шасијата и на каросеријата на моделите на Velozzi, но и за други компоненти со што се подобруваат нивните механички својства за околу 40%.
На овој начин се подобруваат и перформансите на автомобилот и воедно се смалува неговата тежина. Голем плус при користење на карбонски Nano цевки е можноста за нивно целосно рециклирање.
Velozzi Supercar ќе го задвижува асинхрон електромотор со моќност од 770 КС кој е способен да го одведе до вртоглавите перформанси. Моторот енергијата ја добива од пакет акумулаторски батерии кои пак се полнат со приклучување на електрична мрежа или од дизел микротурбина која ја испорачува Capstone.
Турбината на специјализираниот производител Сapstone, С65 има моќност од 65 kW и освен основното гориво, дизел, може да согорува биодизел, етанол, метанол, пропан, керозин и компримиран природен гас.
Конструкцијата на микротурбините на Capstone е многу едноставна со малку составни делови и пратечки компоненти и затоа е многу поиздржлива, подолготрајна од класичните мотори со внатрешно согорување и бара значително помалку одржување.
Микротурбината С65 задвижува спрегнат генератор кој ги полни акумулаторските батерии на Velozzi Supercar кои пак испраќаат енергија за напојување на моќниот електромотор.
Од компанијата истакнуваат дека со полни батерии Supercar е способен да оствари автономија од 320 km пред батериите да се испразнат до одредено ниво. Потоа се вклучува турбината која работи тивко и без вибрации и ги полни батериите додека автомобилот вози и на тој начин му обезбедува автономија од преку 1.600 km со еден резервоар.
Турбината троши многу малку гориво, Velozzi сеуште не ја открива вредноста, има ниска емисија на издувни гасови и ги задоволува стогите PZEV - Partial Zero Emission Vehicle норми во Калифорнија.
Практичниот лесен електричен кросовер Solo користи послаб електромотор чија моќност сеуште не се открива. Електромоторот ќе биде способен да го забрзува Solo до 100 km/h за малку над 6 секунди и да го одведе до максимални 210 km/h.
Микротурбината во Solo е со помала моќност од 30 kW и ќе може да ги напојува батериите додека кросоверот е во движење, но и додека мирува.
Наведените вредности далеку ги надминуваат сите актуелни хибридни системи, plug-in хибридни возила и електрични возила.
Принципот на работа е сличен на возилата на Fisker но тие сеуште користат класичен мотор со внатрешно согорување за придвижување на генераторот кој ги полни батериите.
Velozzi сеуште не се распукува со технички детали за своите автомобили. Не се знае дали некаков прототип веќе вози, или пак, е во завршна фаза на тестирање. Не откриваат ниту каков тип батерии ќе користат за Supercar и за Solo.
Секако молчат и за цената која ќе биде одредена пред стартот на продажбата.
|