|
Неофицијално извори од Fiat наведуваат дека италијанскиот производител се подготвува во Женева да претстави два автомобили под знакот на фабричката спортска марка Abarth.

Се работи за отворената верзија на малиот 500 која ќе го носи името Abarth 500 C и за спортската верзија на Punto Evo Abarth, a како доказ за креациите под капата на Abarth се двете компјутерски генерирани фотографии.
Според очекувањата Abarth верзијата на отворениот 500 С ќе го носи истиот аеродинамичен кит како и кај затворениот 500. Ќе биде наследена и внатрешноста во која ќе доминираат тркачките кади за возачот и совозачот.
Под хаубата ќе работи турбо бензинецот 1.4 T-Jet кој во Abarth 500 C ќе испорачува 140 КС и максимален вртежен момент од 206 Nm при 3.000 врт/мин, а за справување со нив тука се модификуваната спортска суспензија и помоќните сопирачки.
Abarth Punto Evo пак ќе се гордее со сосема нов дизајн во кого спаѓа нов преден браник со огромни отвори за воздух, нагласени прагови и арки над тркалата и дифузор интегриран во задниот браник.
Внатре ќе доминира кабина преслечена со алкантара која ќе се користи и за обложување на арматурата. Тркачките кади се нешто што мора во ваков тип на автомобил кој под хаубата пакува моќна коњица.
Моторот што ќе работи под хаубата на Abarth Punto Evo е новиот турбо бензинец на Fiat, 1.4 литарскиот Multiair кој до предните тркала преку мануелен шест степен менувач ќе испорачува 165 КС.
Моторот веќе беше претставен во Alfa Romeo MiTo QV и ги задоволува нормите Euro 5.
|