Get Adobe Flash player

Golf R конечно вози!
27.01.2010

Производителот од Волфсбург есента во Франкфурт го претстави најмоќниот Golf на сите времиња кој под хаубата пакува 270 КС. Но, без оглед на светската премиера откри многу малку детали.

volkswagen-golf-r-2011-1

Сега Golf R за првпат пред светската јавност е претставен како вози и за него се откриваат повеќе детали најмногу за новата генерација на погонот на четири тркала на Volkswagen, 4Motion.

Во основа моторот и погонот се исти како и кај поголемиот заводник од Golf R, купето со три врати Scirocco R и посебно на Golf R му нудат значително подобри динамички карактеристики од неговиот претходник Golf R32.

И додека моторот е сосема различна концепција и не се споредува погонот е тој којшто претрпел најголеми измени во однос на претходниот најлут Golf. Системот претрпел значајни измени и подобрувања и нуди значителна предност во однос на Golf R32.

Најголемата и најзначајната предност е начинот на активирање на вискозната спојка, (има улога на централен диференцијал), која плива во масло и го распределува вртежниот момент кон предна и задна оска. Односно, вискозната спојка од пасивна е претворена во активна.

Што значи тоа? Активирањето на виско-спојката повеќе не се случува како последица на разликата во брзината на вртење меѓу предната и задната оска, кога се создава поголем притисок во спојката и на тој начин се пренесува вртежниот момент кон оската со подобра тракција.

Кај новиот погон 4Motion за создавање на поголем притисок во централната виско-спојка се користи електрична пумпа која носи масло до виско-спојката од посебен резервоар со работен притисок од 30 бари.

Понатаму, контролен модул кој добива информации од сензорите на тркалата управува со електричната пумпа и автоматски ја распределува идеаланта доза вртежен момент до предната, односно задната оска.

Контактот меѓу ламелите во виско-спојката се зголемува паралелно со зголемување на притисокот на маслото и на тој начин виско-спојката го испраќа посакуваниот вртежен момент до задната оска која при полесни услови на возење не добива погон и Golf R вози како автомобил со погон напред.

Висината на вртежниот момент која се пренесува варира континуирано и е во директна зависност од висината на притисокот што се создава во виско-спојката и им се предава на ламелите.

Системот како што рековме за разлика од претходниот се активира независно од пролизгувањето бидејќи работниот притисок потребен за да работи системот се создава независно.

При нагло стартување пролизгувањето на предните тркала се спречува многу поефикасно бидејќи контролниот модул го регулира распределувањето на вртежниот момент според динамичкото оптоварување на оската, не според силината на пролизгувањето на тркалата. Односно контролниот модул го предвидува пролизгувањето дури и пред да се случи.

Во екстремни случаи безмалку 100% од вртежниот момент на моторот можат да се пренасочат кон задната оска што е голем плус во однос на активната безбедност и динамичките возни карактеристики.

Суспензијата како и кај обичниот Golf се состои од амортизери вметнати во спирални пружини или McPherson орпужна нога напред и мултилинк оска назад, но со посебен сетап кој годи на спортскиот карактер на автомобилот.

Како опција се нуди динамичка контрола на шасијата или DCC Dynamic Chasis Control сетирани за да одговорат на карактеристики на Golf R. Системот континуирано го прилагодува придушувањето на ударот кај амортизерите прилагодувајќи се на квалитетот на коловозот и начинот на возење.

Сето ова се одвива во автоматскиот, односно стандардниот модус на работа Normal. Доколку возачот сака максимално да ги искористи можностите на моторот и подвозјето тогаш ја одбира опцијата Sport, а по желба може да се вози и комфорно одбирајќи го модусот Comfort.

За сопирање е задолжен помоќен систем кој се состои од вентилирачки дискови и напред и назад. Предните се со дијаметар од 345 mm, а задните од 310 mm. Нив ги зафаќаат сопирачки клешти со спецификација посебно создадена за Golf R.

Големите сопирачки дискови ги сокриваат леснометални бандажи од 18 инчи обуени во гуми Dunlop Sport MAXX GT со димензии 225/40 или како опција 19 инчи бандажи со гуми 235/35.

Внатре возачот и совозачот седат во кожени и греени спортски седишта кои по желба можат да бидат заменети со вистински тркачки кади, тука е и уникатниот мултифункционален три крак волан, праговите од четкан алуминиум, полираните педали од не`рѓосувачки челик и еден куп логоа и детали кои потсетуваат дека се возите во Golf R.

Најавите се дека Golf R на пазарот ќе се појави некаде кон средина на годината како модел за 2011. Цената сеуште останува непознаница.