Get Adobe Flash player
Volkswagen купува 20% од Suzuki
09.12.2009

Volkswagen за неколку дена ќе има 20% удел во Suzuki јавуваат светските сервиси. Целта е да го придобие она што јапонскиот производител го знае најдобро, а тоа е производство на мали автомобили.

vw-suzuki-logo

Со продукција од 2,6 милиони автомобили годишно Suzuki се смета за еден од позначајните производители на автомобили во светот, а вештината во производство на успешни мали автомобили е најбитниот фактор поради кој VW се вметнува во приказната.

Воедно ако се анализираат бројките на продадени автомобили во периодот од јануари до јуни годинава Volkswagen и Suzuki бележат заедничка продажба од 4,4 милиони возила што е далеку повеќе од продадените 3,6 милиони на Toyota.

Дополнителен поттик за германскиот гигант е што моделите на Suzuki се исклучително популарни на пазарите кои во последно време бележат голем раст во продажбата на нови атомобили, како што е Индија.

Индијците лудуваат по Alto и по Swift, а соработката меѓу Suzuki и Мaruti дополнително ја зацврстува позицијата на јапонскиот производител на тамошниот пазар.

Понатаму Suzuki е многу силен играч и на домашниот пазар. Посебно во сегментот на така наречените K-Cars, односно мини градски автомобили кои се закон во Јапонија.

Suzuki до сега функционираше како самостојна компанија и освен соработка опстојува без посериозен партнер. Соработката најмногу го врзува со General Motors.

Заедничките долгогодишни врски се воспоставени уште во далечната 1981, но заради кризата пред три години американскиот гигант продаде 17% од вкупно 20% од акциите, додека останатите 3% ги продаде минатата година.

За својот удел во Suzuki, односно купување на 20% од акциите јапонскиот производител Volkswagen ќе плати 2,5 милијарди долари.

Влегувањето на Volkswagen во игра отвора нови можности и за двете компании. Првата како што истакнуваат одговорните и од VW и од Suzuki е заеднички развој на платформа на која ќе бидат поставени новите генерации на Polo и на Swift.

Експертите предвидуваат дека една ваква соработка ќе доведе до создавање на така наречен супер мини автомобил кој на глобално ниво ќе ја смени перцепцијата за овој пазарен сегмент.

 

 

 

Facebook