Производителот од Волфсбург го претстави најмоќниот
сериски произведен Passat на сите времиња. Означен како R36, Passat се нуди и
во двете каросериски верзии седан и комби.
Под хаубата бревта 3.6 литарскиот атмосферски
V6 кој произведува 296 коњски сили и максимален вртежен момент од 350 Nm. Моќноста
до сите четири тркала се испраќа преку шест степен менувач DSG, а
системот 4Motion го распределува вртежниот момент кон онаа оска која има
повеќе тракција.
Спринтот до 100 km/h трае само 5,6
секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 250 km/h.
За да се разликува од останатите моделски варијанти Passat
R36 доаѓа со леснометални бандажи од 18 инчи зад кои се сокриваат огромни
сопирачки дискови и сопирачки клешти обоени сино. Каросеријата е приближена до
подлогата за 20 милиметри, однапред се разликува по хромираната маска
карактеристична за серијата R на VW и биксенон светла кои доаѓаат сериски.
Одзади го красат дуплите издувни цевки и дискретниот
спојлер и секако неизоставниот беџ R36. Внатре купувачот
наоѓа спортски седишта и волан зад кого се сокриваат палките за менување на
брзини кога DSG е во мануелен модус на работа.
Ознаката R обилено е искористена во кабината и се наоѓа буквално на
секаде од бројачите на инструмент таблата и праговите на вратите до деталите од
четкан алуминиум на арматурата и централната конзола.
Цената за Passat R36 се очекува да
стартува од околу 50.000 европски банкноти за седанот, а Variant
би чинел околу 1.500 евра повеќе.

|