Get Adobe Flash player
Volkswagen Polo премиера
03.03.2009
volkswagen-polo-1.jpgНовата генерација на Volkswagen Polo пристигнува. Малиот автомобил од Волфсбург ја доживеа својата светска премиера на салонот во Женева пред комерцијализацијата на лето.

Од Волфсбург новата генерација на Polo ја нарекоа голем штедливец, пред се заради големата заштеда во тежина 7,5% во однос на својот претходник и покрај тоа што значително го надминува во димензии.

Понатаму штедливоста доаѓа од новиот седум степен менувач со две спојки DSG и од моторната понуда. Во првата година од претставувањето, во Polo, ќе работат вкупно четири бензинци и три дизели.

Од нив дури пет се комплетно нови мотори и премиерно ќе се докажат во Polo пред да бидат вградени и во останатите модели на групацијата. Една од најголемите новини од под хаубата е новата генерација на турбо бензинец со мала зафатнина.

Станува збор за 1.2 литарски TSI мотор со турбо натполнење и директно вбризгување кој ќе испорачува 105 КС со просечна потрошувачка од 5,5 L/100 km и емисија на СО2 од 129 g/km што е за 19% пониска вредност од актуелниот атмосферски 1.2 литарец. Овој мотор ќе го задвижува и основниот модел на Skoda Yeti и во малиот SUV на Polo кој се очекува во иднина.

Малите турбо дизели TDI го отфрлуваат системот пумпа-бризгалка и за првпат во Polo ќе бидат напојувани од комон-реил систем што ги прави поефикасни и порафинирани.

Потенцијалот на новите TDI мотори што ќе работат во Polo највеќе се огледува во 1.6 TDI кој остварува 90 КС и во комбинација со пакетот BlueMotion е способен да оствари просечна потрошувачка од 3,8 L/100 km и емисија на СО2 од 96 g/km.

Од VW истакнуваат дека пакетот BlueMotion ќе биде на располагање со секое од трите нивоа на опременост Trendline, Comfortline и Highline. Карактристично за секое од трите нивоа на опременост е стандардната електронска контрола на стабилноста ESP.

Бзбедноста дополнително е нагласена со зајакнатата структура на патничкиот кафез која без проблем треба да му обезбеди на Polo највисока оцена на EuroNCAP од 5 ѕвезди.

Структурата на патничкиот кафез, зоните на деформација и новата генерација од напредни воздушни перници обезбедуваат за 50% повисока заштита на патниците при фронтален удар и 20% при страничен удар во однос на актуелниот Polo.

Новата генерација на Polo доаѓа значително поопремена. Во понудата стои систем за помош при тргнување на нагорнина, комплетен систем од воздушни перници и воздушни завеси, светла за осветлување во свијок, радио систем со интегриран hands-free телефон и навигација, панорамски кров, биксенон светла...

Стартот на производството е закажан за крајот на месец март, додека стартот на продажбата е најавена точно за последната седмица од месец јуни кога Polo ќе биде лансиран во Германија.

Цените сеуште се непознаница и постојат само неверодостојни шпекулации. Тие ќе бидат објавени непосредно пред стартот на продажбата.

Останатите детали како димензиите, перформансите, точната спецификација на нивоата на опременост се очекуваат. Истото важи и за верзијата GTI која е во подготовка.


 

 

 

Facebook