Volkswagen планира во брзо време да претстави
миниван поставен на основата на новата генерација на Polo. Возилото
би требало да го здогледа светлото на денот кон средина на 2011.
Информацијата доаѓа од Ханс Дитер Потш, член на бордот на
VW одговорен за финансии кој вели, „Миниван е тип на автомобил за кој се
размислува сериозно. Светскиот тренд оди кон помали и попросторни автомобили и
тој мора да се следи.”
„Промените на пазарот сега се случуваат многу брзо и
доколку сакате да држите чекор морате да бидете подготвени. Одделот за развој и
дизајн во VW работи под полна пареа, доколку овој сегмент закасни ќе
се судрите со сериозни проблеми на пазарот,” заклучува Потш.
Од Волфсбург сеуште не откриваат никакви информации за проектот,
но се претпоставува дека ќе се следи успешната формула со Golf и Golf
Plus и дека под хаубата на Polo Plus ќе работат истите
агрегати како и кај новoто Polo.
Станува збор за четири бензински изведби на мотори со
распон на моќност од 60 КС до 105 КС и три дизелски варијанти со моност од 75
КС до 105 КС сите комбинирани со механички менувачи со пет и шест степени на пренос и DSG менувач со
седум степени за најмоќните агрегати.
Volkswagen сака да освои што поголемо парче од
пазарниот колач во овој сегмент со дисперзирање на понудата на Polo, односно
вариjанти на база на Polo. Се очекува комби кое ќе го носи името Polo
Variant, но и кабриолет, SUV и жешката верзија GTI.
Всушност светот најпрво ќе има прилика да го види Polo
GTI, а подоцна останатите верзии.
Потш во истата прилика најави и дека во VW се работи
забрзано и на наследникот на Beetle, објаснувајќи дека новата „Буба” ќе биде помалку
женствена.
Причината е многу едноставна објаснува Потш, „Жените
купуваат автомобили кои ги сакаат мажите, но со мажите работите стојат поинаку.
Тие не купуваат автомобили што им се допаѓаат на жените.”
|