Тенденциите да се конструираат што помали мотори кои ќе
трошат малку, ќе имаат ниска емисија на штетни издувни гасови и ќе задоволуваат
со иcпораката на моќност продолжуваат.
Потврда е одржаниот Виена Мотор Симпозиум каде Volkswagen официјално претстави
два нови мотори од најнова генерација чија конструкција е заснована на
познатите технологии на VW со директно вбризгување TSI и TDI.
Се работи за бензински мотор со турбо натполнење и
зафатнина од 1.2 литри и турбо дизел од 1.6 литри кои веќе се најавени при
претставувањето на новата генерација на Polo.
Според инженерите во Volkswagen новите
мотори имаат доволно џус и се способни да му овозможат на возачот искуство зад
волан како многу поголеми агрегати, а воедно пијат значително помалку.
И како што велат тие сето тоа без употреба на сложени
хибридни системи и дополнително компликување и поскапување на конструкциите.
„Потенцијалот на моторите со внатрешно согорување е
далеку од исцрпен,” изјави Др. Џенс Хедлер, шеф на одделот за развој на мотори
во Vokswagen. Тој дополнува дека двата нови мотори покрај Polo ќе се
вградуваат и во Golf, но и во останатите мали модели на групацијата.
Турбо бензинецот од 1.2 литри остварува 105 КС и
максимален вртежен момент од здрави 175 Nm
расположиви од ниски 1.500 врт/мин, најавен e и за во Skoda
Yeti, конструкциски се потпира на поголемиот и проверен мотор 1.4 TSI кој во
различни апликации работи во повеќе модели.
За да се постигнат посакуваните резултати новиот мотор
целосно е изработен од алуминиумска легура, постигнато е значително намалување
на триењето на механичките компоненти и внатрешните отпори, а на ова се додава и комлетно
новоразвиениот процес на согорување кој комбинира остварување на висока моќност
со ниска потрошувачка и ниска емисија на издувни гасови.
Сите овие параметри лани му ја донесоа на поголемиот 1.4 TSI наградата
Мотор на годината.
Турбо дизелот од 1.6 литри се нуди со распон на моќност
од 90 КС и 105 КС. Моторот ќе се нуди и во верзија од само 75 КС наменета за во
Polo и другите мали возила во групацијата.
Благодарение на својата модуларна конструкција 1.6 TDI ќе послужи
како основа за новата генерација на дизели на VW.
|