|
Во предвечерјето на автомобилскиот салон во Женева и појавувањето пред очите на светската јавност Volkswagen официјално ја претстави втората генерација на Touareg за кого e подготвена и хибридна верзија.

Според инженерите на Volkswagen новиот Touareg не ја менува суштината и е еден од ретките вистински теренци со висока теренска проодност.
Електромоторот во хибридниот Touareg е спарен со 3.3 литарскиот бензинец V6 TSI со турбо натполнење и директно вбризгување на горивото, која е замена за бензинскиот V8 од претходникот и испорачува 333 КС.
Моторот снагата ја пренесува до сите четири тркала преку нов осум степен автоматски менувач и централен диференцијал. Инженерите на VW сметаат дека со тесно распоредените преносни односи овој менувач е идеален за да биде спарен со хибриден модул и за влечење на тежок товар.
Хибридниот модул е интегриран меѓу моторот со внатрешно согорување и автоматскиот менувач. Модулот поседува посебна спојка која по потреба целосно ја исклучува спрегата меѓу автоматскиот менувач и моторот со внатрешно согорување. Ова е така наречен паралелен хибриден систем.
Паралелниот хибриден систем овозможува одлични теренски карактеристики, голема способност за совладување на стрмен терен каде Touareg може да се искачува бесконечно без да се почувствува губење на снага.
Воедно овој паралелен хибриден систем е одличен кога треба да се влече голем терет кој кај Touareg изнесува ограничени 3.5 тони иако неофицијално Touareg може да влече многукратно поголем терет.
Понатаму паралелниот хибриден систем нуди поголема заштеда на гориво во град и на долги патеки посебно кога се вози на автопат. За да се постигне горе наведеното во игра се четири главни карактеристики на хибридниот систем на Touareg Hybrid.
1. Е-Мотор: Електричниот мотор со моќност од 47 КС кој заедно со спојката за исклучување тежи 55 kg и овозможува возење на електричен погон до брзини од 50 km/h. Во овој случај бензинецот не само што е изгаснат, туку тој целосно е откачен од менувачот со помош на спојката за исклучување за да се избегнат механичките загуби кои ги создаваат внатрешните отпори во класичниот мотор.
2. Крстосување: Во моментот кога возачот ќе ја крене ногата од педалот за гас спојката веднаш го исклучува V6 TSI од хибридниот модул и трансмисијата. Ова се случува при брзини до 160 km/h. Така на автопат залетаниот Touareg може да вози долго благодарение на инерцијалната сила со блага поддршка на електричниот мотор кои не ги попречуваат внатрешните отпори на моторот. Ова бара нова техника на возење т.н. предвидување и кога возачот ќе ја совлада ќе може директно да влијае на заштедата на гориво.
3. Регенеративно сопирање: Како и кај останатите хибриди при забавување и сопирање електричниот мотор ја превзема улогата на генератор и ги полни никел-метал-хидрид акумулаторските батерии.
4. Старт/Стоп: Системот е не е ништо ново и интегриран во погонската спрега овозможува заштеда на гориво пред се во градски услови на возење.
Заедничката моќност на електромоторот и V6 TSI од 380 КС и максималниот вртежен момент од 580 Nm му овозможуваат на Touareg Hybrid да достигне максимална брзина од 240 km/h и да забрза до 100 km/h за 6,5 секунди.
Просечната потрошувачка изнесува 8,2 L/100 km, а емисијата на СО2 193 g/km. Ниски вредности кои покрај хибридниот погон се должат и на заштедата во тежина од 208 kg во однос на претходникот и подобра аеродинамика. Без оглед на помалата тежина инженерите успеале да ја зголемат торзиската цврстина на Touareg зa 5% во однос на претходникот.
Новата генерација на Touareg покрај хибридниот погон доаѓа и во три класични изведби со еден бензинец и два трубо дизели. Прв е 3.6 литарскиот бензинец V6 FSI кој остварува 280 КС, максимален вртежен момент од 360 Nm и во просек троши 9,9 L/100 km.
Послабиот турбо дизел е 3.0 V6 TDI со 240 КС, 550 Nm и просечна потрошувачка од 7,4 L/100 km. Помоќниот е 4.2 литарскиот V8 TDI со 340 КС и мрсен вртежен момент од 800 Nm кој во просек троши 9,1 L/100 km.
Без оглед на моторната понуда Touareg секогаш доаѓа со осум степениот автоматски менувач и со постојаниот погон на четири тркала, кој пак во зависност од потребите и желбите на купувачот се нуди во две верзии.
Стандардниот погон на четири тркала е базиран на новата генерација на погонот 4Motion. Има постојан погон на четири тркала кој се распределува преку Torsen самоблокирачки централен диференцијал и му овозможува на Touareg да совлада стрмнина со агол од 31 степен.
Оваа верзија има програма за теренско возење која со притискање на копче го модификува начинот на реакција на системите ABS, ESP и ASR и ги прилагодува за возење на терен, воедно го активира системот Hill Descent Control и го менува начинот на префрлање на степените кај автоматскиот менувач.
Втората верзија наречена Terrain Tech Packet, место Torsen има класичен централен диференцијал со редуктор и можност за целосна блокада на централниот и задниот диференцијал и способност за совладување на стрмнини под агол од 45 степени.
Возачот го одбира соодветниот начин на погон со помош на вртливо копче на централниот гребен како кај претходникот. Во изборот се пет модуси на работа:
1. On-Road (за секојдневно возење на пат);
2. Off-Road (за возење на терен со прилагодување на електронските системи и автоматска контрола на блокадата на двата диференцијали);
3. Low (исто како модусот Off-Road плус активирање на редукторот, менување на степените при повисоки вртежи на моторот, без можност за автоматско префрлање на степените нагоре ако е избран мануелниот модус на менувачот);
4. Можност за мануелно активирање на блокадата на централниот диференцијал;
5. Можност за мануелно активирање на блокадата на задниот диференцијал.
Треба да се напомене дека овој теренски пакет може да се нарача само со 3.0 литарскиот V6 TDI мотор.
Сестраноста на Touareg ја нагласува и кабината која сега е пофункционална и нуди повеќе простор за патниците. Сега задната клупа може да се мести по должина за 160 mm, а можно е и менување на аголот на потпирачите. Како опција стои можноста за електрично преклопување на задната клупа со притискање на копче кога се ослободува товарен простор со волумен од 1.642 литри.
Како и кај Х5 и Land Cruiser конкуренти и Touareg сега нуди систем за поглед околу возилото составен од четири камери поставени во аглите и со приказ на сликата на централниот дисплеј од 6.5 инчи.
Тука се и системите за предупредување при напуштање на коловозна лента Lane Assist, адаптибилен темпомат Adaptive Cruise Control со интегриран Front Assist систем кој ги активира сопирачките и ги предзатегнува сигурносните ремени доколу забележи нагло приближување кон возилото напред. Предните светла биксенон доаѓаат со интегриран систем Dynamic Light Assist кој автоматски го регулира снопот при разминување со друго возило.
Продажбата на Touareg e закажана за месец април, кога ќе бидат објавени и цените.
|