|
Евидентно е дека нема имуни марки кога се во прашање грешки кај автомобилите. Редовната контрола и навременото отстранување се вообичаена работа без оглед колку непријатно звучи сето ова.

Од Volvo се свесни и сакајќи да го задржат имиџот на своите автомобили како исклучително издржливи и доверливи не чекаат други да им ги соопштуваат евентуалните проблеми. Тие сами ги откриваат и во случајот ги адресираат до своите кооперанти.
Имено Volvo повикува во сервис 29.000 возила произведени во периодот од октомври 2009 до мај 2010 во кои е вграден мануелениот менувач со шест степени на пренос и со кодна ознака М66.
Проблематичниот менувач се вградува во целата гама возила на Volvo. Него го користат моделите C30, C70, S40, V50, S80, V70, XC60, XC70 и XC90.
Проблемот не е адресиран до самиот менувач туку до врската меѓу рачката на менувачот и менувачката кутија. Односно до јаболчеста спојка која заради послабиот квалитет на материјалот од кого е изработена знае да предизвика проблеми при префрлање од еден во друг степен на пренос.
Volvo веќе реагирал до кооперантот и моделите кои се произведени по мај 2010 веќе го немаат истиот проблем. Во сервис се повикани сите сопственици на наведените модели произведени во овој период, а замената на делот трае од 6 до 60 минути во зависност од моделот.
|