Сега пасионираните љубители на Формула 1 ќе дојдат на
свое. Минатата седмица ново формираната компанија PF1 стартуваше
со продажба на користени болиди од Формула 1 за лична употреба.
Компанијата PF1 не е тука само за
да ви го продаде болидот туку тие се одговорни и за неговото одржување. Значи
комплетна услуга за сите оние што сакаат и можат да си дозволат болид за лична
употреба за возење на патека.
Во соработка со специјалистот за мотори Cosworth, PF1 успеа да
набави неколку стари модели од болидите на Jordan, Jaguar и Super
Aguri, а на потенцијалните купувачи им ги нуди услугите за стекнување на
потребното возачко знаење на познатиот Марк Хајнес кај кого учеле да возат и
величини како што се Кими Раиконен и Луис Хамилтон.
„Во основа идејата е да им понудиме на имотните, но не и
неопходно супер богатите ентузијасти, можност да поседуваат и да возат Ф1
болид, без да мораат врз себе да ги превземаат проблемите што одат заедно со
купувањето на еден ваков болид,” изјави основачот на PF1 Пол
Озборн.
Сите болиди од ергелата на PF1 имаат 3.0
литарски V10 мотори кои се многу помоќни од актуелните 2.4 литарски V8 и имаат
гуми од Avon за кои тврдат дека се многу посоодветни за обичните
возачи бидејќи простуваат грешки за разлика од гумите што се возат во Формула
1.
Но, колку чини сето ова задоволство. Цената за една
сезона во ваков болид изнесува 300.000 фунти, плус на тоа се надополнува и
сумата од 2.500 фунти за членство во клубот на PF1.
Сето ова е доволно за сопствениците да можат да ги возат
своите болиди на четири актуелни патеки годишно на кои се вози Формула 1.
|