Mini ја претстави втората генерација на својот кабриолет пред официјалната
премиера која е закажана за во јануари на салонот за автомобили во Детроит.
Покрај новиот дизајн на каросеријата новиот Mini
Cabrio доаѓа со комплетно ново подвозје, помоќни и во исто време поштедливи и
позелени мотори и нови безбедносни елементи.
Новиот Mini Cabrio на пазарот ќе пристигне во две верзии
Cooper и Cooper S. Верзијата Cooper го носи 1.6
литарскиот бензинец веќе познат од новиот Mini кој остварува
118 коњски сили. Cooper S го носи истиот
мотор потпомогнат со турбо полнач каде остварува 172 коњски сили.
Благодарение на новите мотори емисијата на издувни гасови
и потрошувачката се редуцирани за 19% во однос на претходникот. Или изразено во
бројки во просек Cooper троши 6,1 L/100 km, а Cooper
S 7,2 L/100km.
Mini Cabrio повторно носи мек кров кој може да се
отвора/затвора при брзини до 30 km/h, а операцијата
трае само 15 секунди. Во кабината повторно има четири седишта со можност за
одвоено преклопување на задните.
Кога кровот е отворен и задните седишта се на место
багажникот има зафатнина од 125 L, но со затворен
кров и спуштени седишта волуменот на багажникот се зголемува на пристојни 660 L доволни за
принуден превоз и на поголеми предмети.
За прв пат во Mini Cabrio се нуди автоматски
клима уред кој функционира и кога кровот е отворен, за продолжување на забавата
и подобрување на комуникацијата тука се конекцијата Bluetooth и радио со
CD со можност за приклучување на USB, iPhone и iPod.
Безбедноста кај новиот Mini Cabrio е
постигната со едноделен ролбар поставен зад задните седишта кој се простира по
целата ширина на автомобилот.
Ролбарот при секојдневна употреба останува сокриен зад
задните седишта и во случај на незгода автоматски се исправува за време од 150
милисекунди и заедно со зајакнатата рамка на предното стакло ги штити
патниците.
Стартот на продажбата на новиот Mini Cabrio е закажан
за првата половина од 2009, односно пред почетокот на летото, а цените е бидат
незначително повисоки од оние на актуелниот модел.
До крајот на 2009 се очекува и верзија John Cooper Works.
Сепак, вљубениците кои нема да можат да се стрпат да ја дочекаат модификуваната верзија од фабричкиот тјунер ќе им се обратат на останатите тјунери кои со нетрпение чекаат да ги дадат своите понуди.
|